Утре неизвесен дуел за третото место

Категории: Спорт

Двата тима имаат по 30 бода, па Металург со реми и победа ќе го задржи третото место, а Напредок со победа ќе скокне на таа позиција. Независно од временската ситуација во земјава, одложениот меч во Кичево од последното есенско коло помеѓу Напредок и Металург ќе се одигра во договорениот термин, в недела од 13 часот. Некомплетниот Напредок без четворицата стартери, кои се со репрезентативни обврски, и во екстремно тешки услови се подготвува за завршниот годинашен натпревар.
Во клубот стравуваат дали заморот на репрезентативците од Напредок и краткиот период за ревитализација и аклиматизација ќе се одразат врз нивната игра, бидејќи од нивното издание во голем дел ќе зависи и играта на Напредок против квалитетниот противник. Згора на тоа, напаѓачот Марко Симоновски нема да биде во стројот поради пет жолти картони.
– Одамна сме немале вакви тешки проблеми за работа. Поради висината на снегот надвор е речиси невозможно да се работи, но ако се знае дека фудбалот се игра на отворено, тогаш и ние мораме да ги дозираме тренинзите и под вакви околности. Исто така е нејасно дали членовите на А-селекцијата од нашиот клуб ќе бидат во состојба за нецели два дена да се вратат во нормала. Пред нас стои голем знак прашалник, дали ќе можеме на последниот домашен меч да ги повториме партиите од претходните кола, кога бевме домаќини – рече тренерот Драган Бочевски.
Управата на клубот ја зеде обврската целосно да биде исчистен фудбалскиот терен од снег и затоа во текот на неделното претпладне ќе биде ангажирана екипа за целосно оспособување на фудбалското игралиште под Илиница. Ако и посетеноста биде на очекуваното рамниште, тогаш овој натпревар, сепак, ќе го задржи епитетот дерби на колото. Двата тима имаат по 30 бода, па Металург со реми и победа ќе го задржи третото место, а Напредок со победа ќе скокне на таа позиција.     

Зоран Антоски
Извор: Нова Македонија

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,