11 септември – Ден на ослободувањето на Кичево

Категории: Издвојуваме, Кичево, Слајдер

Партизанските единици маршираат во слободно Кичево, 11 септември 1943 година

На денешен ден, 11 септември 1943,  по капитулацијата на Италија во Втората светска Војна, партизанските единици по жестоки борби го ослободуваат градот Кичево.

Со тоа Кичево стана првоослободениот град во Македонија.  Ова е првото ослободување на Кичево кое во наредните месеци уште неколку пати ќе биде окупирано и ослободувано. Во градот била формирана народна власт во која учество зеле претставници од сите националности кои живееле во градот. За прв пат на дело се почувствувала заедничката слобода. На 26 септември е одржан голем народен митинг. Куриозитет е тоа што на балистичките водачи им била простена соработката со италијанските и германските фашисти и дури им било доверено чување на границата кон тогашна фашистичка Бугарија во околината на Бигор Доленци. Лојалноста на овие единици била многу кратка…

Народен митинг во слободно Кичево одржан на 26 септември 1943. Истакнувањето само на Македонското знаме било јасен показател за самостојната борба на македонските партизани за слободна Македонија. Тоа многу не му се допаднало на „главниот“ говорник Светозар Вукмановиќ – Темпо.

За помалку од еден месец од правец на Гостивар започнува масовен германски напад кон слободната територија која е бранета на планината Буковиќ од малубројната силномотивирана чета на чело со Мирко Милески која во таа прилика е збришана. Предадени и изневерени од страна на балистите  и со поддршка на бугарската авијација, партизаните се повлекуваат кон Копачка, а Кичево е повторно окупиран.

Спомен плочата на објектот каде работела првата народна власт во Кичево

Тука, во Кичево, беше родена слободна Македонија, земја на рамноправните и слободољубиви луѓе. Вечна слава на хероите кои беспоштедно влегоа во борба и го направија големиот подвиг со кој се навести конечното ослободување на Македонија.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм за "забранетото" востание од 1913 во кое за кратко време било ослободено и Кичево
Tags: , , , , ,