Македонија празнува 22 години независност!

Категории: Македонија, Слајдер

8 септември 1991 година е денот кога се оствари сонот на многу генерации да ја видат слободна и независна Македонија. Независноста на Македонија е круна на беспоштедна борба и неброени жртви кои го посветија целиот свој живот за македонската кауза. Нивното дело нас не задолжува да ја чуваме и направиме подобра Македонија и таква да ја оставиме на генерациите кои доаѓаат.

Да се потсетиме:

Со убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 170 држави во светот, а под уставното име е призната од 135, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија и Кина.

Во изминатите 22 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

Дваесет и вториот роденден од осамостојувањето Македонија го минува во очекување на новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Пријатели, нека ни е честит 8-ми септември, Денот на независноста на Република Македонија!

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , ,