Отворени 52. Струшки вечери на поезијата

Категории: Македонија, Слајдер

Со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга, вечерва почнаa 52. Струшки вечери на поезијата (СВП).

Манифестацијата официјално ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која своето обраќање го почна со бесмртната мисла на Кочо Рацин, дека песната е молитва на Македонија и огледало на нејзината душа.

– Преку Струшките вечери на поезијата ги афирмираме вистинските вредности, ја афирмираме културата, обединувајќи ги најзначајните имиња на светската поезија. Струшкиот поетски фестивал е најрепрезентативната проекција на актуелните поетски остварувања во меѓународен контекст и место на кое се развива дијалогот меѓу јазиците и културите, истакна Канческа-Милевска.

Во изминатите пет децении, рече, преку 5.000 поети од сите страни на светот ја посетија Република Македонија и на стотина јазици го презентираа своето поетско творештво, 47 поетски лауреати на 20 и 21 век се здобија со престижниот Златен венец на поезијата, фестивалот изгради многу мостови помеѓу поетските меридијани.

– Препознавајќи ја важноста на Струшките вечери на поезијата како и обврската да го споделиме овој културен настан со целата светска јавност, континуирано ја поддржуваме оваа манифестација која несомнено ги промовира вредностите содржани во разноликостите, во автентичните поетики кои го чинат богатството на европскиот и светскиот културен мозаик, напомена министерката.

Таа посака „од Струга да се изгради мост на духовност и убавина која ќе не поврзува со целиот свет“. – Нека поезијата како што вели нашиот лауреат Матеја Матевски биде сосема отворена во својата мисија, сосема слободна и отворена пред зборот што го создава и што ја создава неа, како врвен израз на човековиот дух, потенцира Канческа-Милевска.

Министерката изрази уверување дека присуството на годинашниот лауреат, истакнатиот мексикански поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко, ќе биде провокација за многу љубители на пишаниот збор повторно да ја посетат нашата земја и да станат дел од традиционално празнување на убавината на поезијата во Република Македонија.

Добитникот на „Златниот венец“ за 2013-та Пачеко пристигна во Струга за да ја прими наградата и покрај неговата поодмината возраст и здравствената состојба.

Престижната награда на Пачеко ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“, а поетскиот портрет на лауреатот ќе се одржи ден претходно, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Фестивалот ќе се одржува во Домот на поезијата во Струга до 25 август, а следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија.

Во рамки на фестивалот утре ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.

На фестивалската програма се предвидени промоција на книги од едицијата „Плејади“, изложби, симпозиуми на тема „Поезијата – војна и мир меѓу јазиците“ и традиционалната Ноќ без интерпункција.

Покрај од Македонија, на 52. СВП ќе учествуваат околу 50 истакнати поети од Бугарија, Грција, Англија, Германија, Египет, Индија, Јапонија, Израел,Кина, Русија, Полска, Шпанија, Куба…

Реакција на СВП по повод изјавата на струшкиот градоначалник Зијадин Села: Тврдењата на градоначалникот Села неосновани и тенденциозни

Советот на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата (СВП) ги смета за  тенденционзни, неточни, паушални и неосновани тврдењата на градоначалникот на Општина Струга Зијадин Села изнесени денеска на прес-конференција во кои тој обвинува за наводна неупотреба на албанскиот јазик при официјалната комуникација на фестивалот „Струшки вечери на поезијата” чие 52. издание почнува вечер.

– За сите официјалните обраќања и говори на гостите на фестивалот е обезбеден  превод на македонски, албански и англиски јазик. Целокупниот информативен материјал околу организацијата на фестивалот (летоци,брошури,покани) е испечатен на македонски, албански и англискиот јазик,  додека при  настапите на странските  поети  учесници на фестивалот, се користи видео бим со превод на трите спомнати јазици, наведува Советот на СВП.

Според Советот, ваквите неосновани обиди, да се фрли сенка врз најреномираниот поетски фестивал кој 52 години е празник на  светските поетски дострели, воопшто не му одат во прилог на  меѓународниот углед на фестивалот, домаќинот, градот Струга,  и  Република Македонија воопшто.

– Се надеваме дека градоначалникот Села ќе ја согледа неоснованоста на својата одлука за бојкот и како добар домаќин ќе ги преземе сите потребни активности со кои ќе придонесе за што поуспешна реализација на  52. Струшки вечери на поезијата на кои учествуваат над 50 реномирани поети од целиот свет и кои на градот Струга му донесоа светска слава, стои во реакцијата.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , ,