ФОТОГАЛЕРИЈА: Одбележана 70-годишнината од битката кај Кленоец

Организацијата на резервните офицери на Република Македонија, во соработка со МЗ Кленоец и општинската организација на Сојузот на борците Кичево го одбележа јубилејот  70  години од борбите за одбрана на слободната територија на Копачка и Дебарца пред споменикот на паднатите борци во НОВ во с.Кленоец.

Оваа крвава и прва фронтална  битка на Македонските борци е наречена “Македонска Кадињача“ и “Втор Мечкин Камен“. Во нерамната борба на нашите храбри борци, Главниот штаб побарал помош од Дебар. Направено е предавство, убивани се од тие што дошле да им помогнат. Балистите преправани како партизани поздравувајки се со бранителите заклале 13 момчиња од Охридско. Ги  масакрирале и ограбиле селаните а потоа го запалиле селото Кленоец.
Во овие крајно исцрпувачки битки животот го положил Јосиф Јосифоски-Свештарот и над 80 млади борци кои не треба да ги заборавиме и да ги поттикнуваме идните генерации секогаш да им оддаваат  почит на оние кои со својата храброст и крв, младост и живот ја пишуваа нашата бурна историја и ја создаваа нашата држава Македонија.
Текст и фото: Сузана Тасевска