Ќе се субвенционираат 75 % од ратата и учеството за „Купи куќа, купи стан“

Владата одлучи дополнително да ги подобри условите за користење на кредити за куќи од проектот „Купи куќа, купи стан“.

Досега, како што објасни министерот за финансии, Зоран Ставрески Владата субвенционираше 50 отсто од кредитот за купување на куќа, а со новите измени  нејзиното учеството се зголемува на 75 отсто од ратата и учеството за кредитот.

-За максимален кредит од 50.000 евра, вкупната субвенција на Владата изнесуваше 15.000 евра, а ратите за кредитот изнесуваа 330 евра во првите три години и 345 евра во четвртата и петата година. Со измените на Законот се зголемува учеството на Владата во ратите од 50 на 75 отсто. Така сега во ратата од 330 евра, Владата ќе ќе учествува со 247 евра, а граѓанинот со 83 евра, рече Ставрески.

Владата го зголемува и учеството во вториот модел кој се однесува на учеството во кредитот. Како што објасни Ставрески за кредит од 50.000 евра, граѓаните мораа да имаат учество од 12.500 евра, од кои досега 6.250 евра плаќаше Владата и 6250 граѓаните. Сега учеството на Владата е зголемено на 75 отсто и наместо 6.250 евра, Владата ќе плаќа 9.375 евра во учеството за кредит од 50.000 евра.

Во двата модели Владата учествува со три четвртини, односно 75 отсто, а граѓаните со една четвртина.

Со измените на Законот, како што рече Ставрески, исто така на граѓаните кои имаат помала куќа им се овозможува да ја срушат и на истото место да изградат поголема. Оваа можност досега не беше предвидена во проектот.

-Доколку граѓаните предвреме го вратат кредитот немаат обврска да го вратат субвенционираниот дел од Владата, рече Ставрески и додаде дека измените во законот се однесуваат и на купување на веќе изградени куќи.

Овие дополнителни олеснувања за граѓаните кои ќе купат или изградат куќа се направени поради поголемите трошоци за земјиштето и со цел тие да се изедначат со условите за купување на стан.