Е ако не бидеш правник ќе бидеш приправник (37)

Категории: Ако појдам во чаршија..., Ризница, Слајдер

Mladi

Станав бруцош. Како во народнана песна: … „Падна ми се мамо, падна ми се моме болничаво“ и мене ми се падна една соба со двајца цимери. Таа си беше супер како за бруцош, ама до мене најблиските комшии беа во соби за 5 или 6 студенти. Ај што беа многу и креваа галама, туку играа комар ден и ноќ. Ако беа повратни шишињата од мастика и вино што ги испија првиот семестар, секој од нив ќе беше богаташ на крајот од семестарот.

Прв испит, писмено полагање во Февруарска сесија, семестрален ни беше ОНО и ОСЗ (Општо – народна одбрана). Комшиите сите до еден положени, јас паднат. Излезната врата од факултетот не можев да ја најдам од срам. Одев пешки до Студентски (беше 3 km оддалечен), да го потрошам стресот. Оди и запрашај се сам: …

– „Зарем колку овие не вредам !!? Тие книга не отворија, јас учев“ !!?

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

После разбрав, ќерката на професорот ни била генерација, ја врзале сите до еден, е сега ако положат сите би бил „порозен“ професорот (плус беше и полковник), ами затоа вакви како мене служеле за баланс. Влегов во собата, скршен, со сета брука од светот врз мене, ме пречека постариот цимер (беше III година на Правен), ме виде, „прочита“ и ми даде гајрет*:

– „Слушај Мако, ти ќе завршиш факултет, а од овие никој не завршува“….

100 % вистина, сите се исчистија за една година, никој испит повеќе не положи.  Да умреш еднаш е благослов, ама на рати….. колнатија е…..

Дојде време, ѓавол да ме земе и дома да кажам. Отидов Кичево, влегувам дома, дојдена стрина ми од Стари Бечеј. – Што напрај !? ….ме прашуваат во хор. Гувејќи* ко тазе невеста, кажав. Молк, штама.

– „Ами стринче ич да не му се секираш, Е АКО НЕ БИДЕШ ПРАВНИК, ЌЕ БИДЕШ ПРИПРАВНИК’’

Таа мислела дека Приправник е степен подолу од Правник, нешто како Виша, ама така ме насмеа, така ми олесни во моментот утехата нејзина, што еве ја напишав.
И сега, имавме бруцош на Правен, па го благословив, орасположив: … Е АКО НЕ БИДЕШ ПРАВНИК, ЌЕ БИДЕШ ПРИПРАВНИК …….

Гајрет* од Турскиот јазик = утеха, подршка ……
Гуве(ење)јќи* = ситуација кога невестата за прв пат влегува во куќата на мажот, со главата се носи и удира 3 пати од оџакот (тој е најцврста градба и последен се руши при уривање на куќа = симболика за да биде најцврст дел во куќата) и завзема положба со наведната глава кон земјата, за да покаже благонаклоност, послушност и чест спрема постарите, бакнувајќи им рака.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,