Ако појдам во Чаршија… Пантомима (2)

Категории: Ако појдам во чаршија..., Ризница, Слајдер



Не мислам на битолската чаршија како во познатата песна. Мислам на нашата, кичевската. Секако, за нас попозната и поубава. А во неа нешто најубаво, животот, со сите негови појавни облици, си сиот негов раскош. Од утринското отворање на ќепенците и метењето на дворовите, до првите дами облечени „А ла Пари“, излезени да видат кои се најновите штофови дојдени во продавниците, да купат и да сошијат први пред сите други, до легендарното вечерно корзо за кое чиниш дека секогаш е премиера и послан црвен тепих. Ние наоколу, некој со девојка, некој со желба за девојка, но сите со голема желба за слободен дух.
За појавните облици на желбите на тоа време, подолу и понатаму.


Подготвил: Зоран Стојаноски Челентано

ПАНТОМИМА …


Не знам дали тогаш беше афирмиран како сега „Мистер Бин“, но добро знам дека имаше неколку клапи* кој со гестикулации можеа да режираат нем филм. И режираа ……

Ако „културно – забавниот“ живот во градот завршуваше во 23 : 00 h, требаше да се пронајде начин уште малку да се одложи одењето дома, зошто тогаш имаше само МТВ 1 и 2 од програми, а за Интернет и сите овие пропратни работи со него, ниту во најбујна фантазија ……………..

Кејот на река „Сушица“, местото на кое се одигрувале претставите

Кејот покрај Сушица свежо изграден, мамеше на поседок. На секои 5 метри, поседнати различни тајфи. Некоја ова, некоја погаѓање на главни градови во светот, ама нашето друштво често играше „ПАНТОМИМА“. Покрај екипите кој се натпреваруваа, имаше и многу сеирџии кој се насладуваа, просто уживаа на движењата, кореографијата, изведбата од пантомимичарот и неговиот труд во објаснување на зададениот филм. Не знам дали можам да створам слика, имагинација за сцена кога на пантомимичарот ќе му кажеш филм со еротски наслов, а тој треба ритмички да се движи со долниот дел од телото, симулирајќи секс. Смеење, смеење ………
Пак уште ако во публиката има нечија симпатија = чист ТЕАТАР ПОД ВЕДРО НЕБО од „изведувачот – заљубениот“ !!!

Во играта учествува две спротивставени екипи, најчесто во една екипа беа по 4 – 5 одбрани познавачи на домашни (СФРЈ тогаш) и странски филмови. Едната група на „пантомимичарот“ од противничката група тајно му кажуваше име на филм, а тој со неговата моќ за театралност, гестикулација, движење на раце, нозе, тело и што ли друго не, требаше да им го „преслика“ зборот, а тие да го погодат насловот, но без да го каже со уста.

Било каква припомош со отворање на уста, автоматски значеше губење на играта и дисквалификација на екипата за таа вечер. И се почитуваше тоа, освен: …. „Доби задача да го објасни филмот „Доктор Живаго“.

Никако не му одеше, обиди се со асоцијација на буквата Ж, име (демек некој Живе), не можеа да го разберат неговите и му „светна“ идеја едно време, го префрли палтото преку глава (ние ко противници зачудени !!! … „Што имат палтово преку глава врска со Доктор или со Живаго“) а тој вртејќи се покриен им се доближи и дошепна на неговите, полугласно „Доктор Живаго“. Никогаш повеќе не доби шанса да биде пантомимичар, оти такви беа „строгите правила“ на играта усвоени од сите нас, ама еве овде повторно го „оживеав“ Владо Батецон.

Пантомимичарот започнуваше со движење на раката во мал круг со дијаметар од 20 cm, како да ја движи филмската лента со рачка на старине камери (практично тој глумеше прожектор, или Милтон Манаки кaде што е прикажан снимајќи ги неговите филмови) и ќе покажеше со показалецот пред него (значи домашен филм), а ако покажеше со палецот назад зад грбот (значи странски филм). Потоа ќе покажеше 2, 3 или повеќе прсти, што значи дека филмот има толку зборови. До колку неговите беа блиску до зборот кој го објаснуваше, тој започнуваше да ги врти двете раце како тркалце напред – назад, укажувајќи дека се блиску и треба да менуваат малку нешто.

Сега кога ќе размислам повеќе, сфаќам дека можеби толку длабоко сме биле индоктринирани од системот (социјалистички) во кој живеевме, несвесно во нас. И тогаш како сега, филмовите што се прикажуваа во кино „Партизан“ и „домот ЈНА“ повеќето беа Амерички, ама одбрани без идеолошки импликации: … „Вестерн“ („За грст долари“, „Џанго пуца први“)„ Лесна еротика („Мазурка у кревету“, „А.Б. Ц од љубави до секса“, „Вруќе Швеѓанке“).

Да, имаше и многу филмови од Индија („Бидаи“, „Боби“, „Моја Индија“), Мексикански („Само један дан живота“), ама и тоа било „одобрено“ од некој идеолог таму во Ц.К. (Централен Комитет) со јасна цел, идеолошки да не се разградуваме како младина !! Е па затоа, демек кога ќе покажеш назад (странски филм) не го гледаш грбот, а тој грбот, завршува најдолу во оној дел од телото, каде што кичмата добива грдо име, анален отвор. Во слободен превод: странски филм = „Назад, кај *азов“……

До колку екипата го погоди филмот со вистинскиот наслов, тоа носеше победа. Се играше на 5 или 10 добиени победи на вечер во зависност од „многу фактори“.

Покрај добар пантомимичар, неизоставно беше во тимот да се има и добар познавач на филмови, а такви потешко се изнаоѓаа. Тој, познавачот – филмофилот* ем полесно ги погодуваше филмовите од противникот, ем им задаваше несносливи маки и на пантомимичарот и на противникот со зададените филмови, кога требаше да се објаснат филмовите, како на пример: „Дискретниот шарм на буржоазијата“, „Јавни пороци и приватне страсти“, „Они што заударају на пот и смрт“ ……… Имаше еден таков* со енциклопедиско познавање на филмовите, роден филмофил и нормално „тепачка“ кој да го земе во екипа.

Најпрво, самата екипа, од своите членови си го бираше „пантомимичарот“ за да тој им го објаснува филмот, а после кога се увиде дека некои се малку повеќе талентирани за тоа, другата екипа почна да назначува пантомимичар од помалку талентираните кај противникот. Имаше и такви текаути*: Му го дадоа за да погодат неговите: „И коњите ги убиваат нели ? а тој „никад чуо“ цело време им објаснуваше цркви, иконостаси, за на крајот да испадне дека филмот кој се бара се викал: Иконите ги убиваат нели !!!? Исто како во онаа детска игра „Расипан телефон“

Вечер, недела, месец(и) се поарчија филмовите, насловите и тогаш стапија на сцена „режисерите“. Филм: „Вигвами Чокто Индијанаца налазе се на левој окуци реке Нгвајо“, „Десперадос плавих очију“, „Слани штапиќ“ и ќе звикат филмофилот: … „Ајдеее ! Твентит сенчери фокс и Метро голдвин мајер“ заедно не ви се рамни во измислувањево на филмови и нови наслови.

P.S. Поради „хиперпродукција“ на филмови и послаба посетеност, престана нашата Пантомима, а со неа згасна и еден мал аматерски театар на отворено.

Клап(а)и* = дружини во Далмација составени од 5, 7, 8 или 9 пеачи кои пеат многугласно при изведба на песна.

Познавачот – филмофилот* (таков*) = Владо Ѓорѓиески – Гркот на кого и на ваков начин, јавно му се заблагодарувам за обилната помош при пишувањето на овој расказ.

Текаут* од Турскиот јазик = пензионер, преносно – успорен во се !

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,