Агенцијата за млади и спорт објави Конкурс за млади уметници

Агенцијата за млади и спорт објави Конкурс за млади уметници, за изложба „Young art 2015“ која ќе биде поставена во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица. Конкурсот ќе трае до 5 декември 2014 до кога може да се пријават сите млади визуелни уметници и групи.

Тие треба да се на возраст од 15 до 29 години и може да учествуваат со  дела во пет дисциплини: сликарство (со димензии не поголеми од 200х200 см), скулптура (со димензии не поголеми од 200х200×200 см), графика (со димензии не поголеми 100х70), графички дизајн и фотографија (со димензии не поголеми од 100х70 см).

Кандидатите може да учествуваат со едно дело. Изложбата е селективна, а жири ќе додели по една награда за уметнички достигнувања за  петте дисциплини, во износ од  40.000 денари.

– Делата треба да кореспондираат со современите ликовни практики, протоколи а  тематските и идејните содржини се исклучиво поврзани со рецентното индивидуално творештво на авторите од последните две години и да имаат изразен ликовен ракопис и креативни достигнувања, соопшти Агенцијата за млади и спорт.

Изложбата   првпат ќе се  реализира оваа година со цел да ги поддржи и стимулира младите во продуцирањето современо ликовно творештво и да направи пресек на современата ликовна продукција на најмладата  генерација визуелни уметници.

Авторските дела треба да се пратат на адреса: Агенција за млади и спорт, Сектор млади, ул. Френклин Рузвелт бр. 34, 1000 Скопје, со назнака: За Конкурсот „Млади уметници“. Може да се достават и лично во архивата на Агенцијата.

АМС соопшти дека авторот треба да го достави своето дело соодветно опремено (без да се гледа неговата сигнатура) заедно со  плик во кој ќе ги има податоците за авторот и делото. На горниот лев агол од пликот треба да стои ознаката „не отворај”, а во средината да биде назначена адреса на примачот. Надворешноста на пликот не смее да содржи никакви ознаки за испраќачот. Во втор, затворен плик треба да има податоци за испраќачот и адресата на која делото ќе биде вратено.

За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на тел. (02) 3113-705, секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, или во просториите на Агенција за млади и спорт, Сектор млади.