Анализа: Дали во дел од кичевските училишта има превработеност?

Категории: Актуелни теми, Кичево, Слајдер

Каква е состојбата со вработувањата во образовните институции под надлежност општина Кичево? Колку истите ги задоволуваат или не ги задоволуваат критериумите кои ги побарува образовниот процес? Дали и колку истите се злоупотребуваат и штетат наместо да користат на образовението? Дали општина Кичево, на чиј буџетски терет се основните и средни училишта, работи според буџетските можности?

Во вчерашната изјава за Сител ТВ, советниците на коалицијата „Кичевчани за Кичево“ посочија на нерамномерно распределување на блок дотациите и поради превработеност во дел од училиштата.

-Советничката група „Кичевчани за Кичево“ има сознанија дека од страна на Министерството за образование на Република Македонија до Општина Кичево се редовно исплаќани блок-дотации, но тие блок дотации не се рамномерно распределувани, поради што е дојдено до колапс во образованието во Кичево. Нашите сознанија укажуваат дека проблемот е настанат поради преголемата превработеност во основните училишта во северниот дел на општина Кичево. Поради таа преголема вработеност овие основни училишта немаат нафта за греење и немаат електрична енергија.

Претходно и пратеникот Антонио Милошоски од собраниската говорница посочи на ненаменско трошење на блок-дотациите.

-Општината Кичево уредно добива блок дотации од Министерството за Образование за основните училишта. Според информациите кои ги имаме, блок дотациите за основните училишта во Кичево, не се користат наменски и како што треба, и дека дел од тие блок дотации, наместо за греење на училиштата, се користат за исплата на плати на дополнително вработени лица во некои други основни училишта.

Колкав е соодносот на вработени кои ја спроведуваат и опслужуваат наставата во кичевските училишта, наставници и помошен персонал (чистачи, хаусмајстори…), наспроти бројот на ученици кои учат во училиштата? И дали навистина има превработеност во дел од кичевските училишта?

КичевоМк направи мало истражување во кое беа опфатени бројот на ученици во  училиштата во Кичевската општина и бројот на вработени кои моментално работат таму.

Наставата во училиштата во Општина Кичево се изведува на Македонски, Албански и Турски наставен јазик. Во две од училиштата во градот Кичево, „Владимир Полежиноски“ и „Кузман Јосифоски-Питу“ наставата се изведува на Македонски јазик, додека во третото основно училиште „Санде Штерјоски“, покрај на Македонски, наставата се следи и на Албански и Турски наставен јазик. Во руралните места (под надлежност на општина Кичево), само уште во основното училиште „Христо Узунов“ во село Другово се следи настава на Македонски јазик. Целосно на Албански наставен јазик наставата се следи во училиштата ОУ „Реџо Рушит – Зајази“ во Зајас, ОУ „Фаик Коница“ во Грешница, ОУ „Наим Фрашери“ во Јагол Дол., ОУ „Ѓерѓ Кастриот“ во Србица и ОУ „Милто Гура“ во Стрелци.

Трендот на запишување на нови ученици во Кичево е во опаѓање кај сите заедници. Но кога ќе се земе во предвид наставниот кадар и помошен персонал кои се вработени, соодносот драстично отстапува од бројот на ученици кои се опслужувани во училиштата на Македонски и Албански јазик.

Така на пример во ОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ на 724 ученици има 64 вработени наставници и помошен персонал. Значи на секои 11 ученици има по 1 вработен во просек. Оваа пропорција е нешто помала за ОУ „Владимир Полежиноски“  каде на 479 ученици, вработени се 69 наставници и помошен персонал, значи на секои 7 ученици 1 вработен. Ова училиште бележи најголемо опаѓање на новозапишани ученици.

Наспроти овие училиштата во градот каде се учи на Македонски, состојбата во училиштата во селата каде се учи исклучиво на Албански, состојбата е видливо поинаква кога се работи за соодносот ученици / вработени. Така на пример во ОУ „Фаик Коница“ (Грешница) учат 208 ученици, а училиштето има 52 вработени, на секои 4 ученици по 1 вработен. Во ОУ „Ѓерѓ Кастриот“ (Србица) на 148 ученици има дури 48 вработени, на секои 3 ученици по 1 вработен. Најдрастичен пример е ОУ „Наим Фрашери“ (Јагол Доленци) каде на 131 ученик вработени се дури 49 лица, на само 2 ученици по 1 вработен.

Севкупно на 1956 основци кои учат на Македонски, вработени се 240 лица, а на 1711 ученици кои наставата ја следат на Албански, вработени се дури 377 лица, или 137 лица повеќе иако побројни се првите. Во сооднос ученик / вработени бројките во просек се следни: на секои 8 ученици кои посетуваат настава на Македонски, вработено е по 1 лице, додека разликата е дупло помала во вториот случај каде на секои 4 ученици кои посетуваат настава на Албански вработено е по 1 лице. 8 на 1 наспроти 4 на 1. Разликата е дупла и очигледна.

Се поставува прашањето зошто има ваква разлика? Наставната програма и потреби на учениците се исти, без разлика на кој јазик учат. Потсетуваме дека сите вработени во овие училишта, според законот, се на товар на буџетот на Општина Кичево. Дали овие дополнителни вработувања во училиштата ја отежнаа ситуацијата со греењето во училиштата кои се греат на нафта, како и со неможноста на општината да изнајде средства и да ги сервисира потребите на кичевските основни и средни училишта? Зошто општината вработувала лица за кои реално нема никаква потреба, а од друга страна се изјаснува за немоќна да ги снабди училиштата со нафта за греење и да ги плати долговите за потрошена електрична енергија? Сите одговори се кријат во одговорните во Општина Кичево.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,