Кичевчани најмногу се клукаат со хелекс

Фондот за здравствено осигурување на Македонија забележал енормнo зголемена употреба на лекови за намалување на напнатоста, вознемиреноста, нарушеното спиење, страв, депресија, нервоза и други стресни состојби.

Според анализите на Фондот, потрошувачката на лековите анксиолитици и хипнотици, каде влегуваат диазепам, бромезапам познат како лексилиум, алпразолам односно хелекс и золпидемот познат како санвал, во 2013 се зголемил за 30 отсто во однос на 2010 година.

– Годишно во 2010 година над 1 милион и 250 илјади рецепти се реализирани во аптека, што значи дека просечно секој втор жител на Македонија употребил по најмалку едно пакување од овие лекови во текот на годината. Но, алармантно и загрижувачки е тоа што потрошувачката на овие лекови во 2013 година се зголемува на над 1 милион и 600 илјади реализирани рецепти, односно за околу 30 проценти, информира Игор Нелоски, советник во Фондот.

Тој појасни дека тука влегуваат лековите што се издаваат само на товар на Фондот, оние што се купени со приватни рецепти и што се користат при болничкото лекување не влегуваат во анализата, што значи дека потрошувачката е уште поголема.

Анксиолитиците како група на лекови се на второ место, а генеричкиот лек диазепам е на четврто место од десетте најчесто пропишувани лекови. Најголема потрошувачка на диазепам и апаурин е забележано во Берово и Неготино, лексилиум и бромазепам во Битола, хелекс во Кичево, а санвал во Виница.

Фондот ги предупредува осигурениците за несаканите ефекти од употребата на овие лекови и ги алармира избраните лекари при пропишувањето задолжително да ги почитуваат упатствата за медицината базирана на докази.

– Покрај ефектите за ослободување од симптомите за кои се пропишани, намалување на напнатост, стресот и нервозата овие лекови даваат и дополнителни несакани краткорочни и долгорочни несакани дејства, истакна советникот во Фондот Ана Петрова.

Од краткорочните штетни дејства ги посочи успорената работа на мозокот, слаба концентрација, конфузија, неразбирлив говор, вртоглавици, губење рамнотежа, намалување на срцевата работа,…

Најголема опасност од долготрајната и континуирана употреба на овие лекови, според Петрова, е појавата на психичка и физичка зависност.

– Пациентот може многу брзо да развие толеранција на лековите, тоа значи дека е потребна се поголема доза за да се постигне саканиот ефект, што доведува до појава на зависност. Овие состојби може да се јават како кај пациенти кои го примаат лекот по препорака на лекар, така и кај тие што го злоупотребуваат, рече Петрова.

Овие лекови, додаде, може да предизвикаат и заматен вид, болки во гради, тешкотии при дишење, отежнато голтање, кожен осип, чешање, црвенило, гадење и повраќање, ангиоедем – оток на грло и душникот, анафилактичен шок и ембриотоксично дејство, односно може да влијаат врз развојот на плодот и не се користат кај бремени жени.

– Фондот апелира до осигурените лица да ги следат советите на лекарите и да не инсистираат избраниот лекар да им пропишува лекови на нивно барање, односно спротивно на упатствата за лекување според медицина базирана на докази. Лекарите при пропишувањето на лековите да ги следат упатствата според медицина базирана на докази, презентирани за време на специфичната медицинска едукација за дијагностика и терапија на депресивните состојби во текот на 2013 година, а земајќи ги предвид сите несакани и штетни ефекти кои ги предизвикуваат овие лекови, истакна Петрова