Асфалтиран пат во село Прибилци

Како што беше најавено, веднаш по завршувањето на подготвителните градежни работи, се започна со асфалтирање на локалниот пат од селото Прибилци до селските гробишта. За неполни два дена, на 2 – ри и 3 – ти ноември,  градежната оператива го постави асфалтот и ги заврши речиси сите градежнио зафати на овој проект. Патот е долг 560 метри со стандардни димензии на ширина од 3 ипол метри, тампон банкини, одводни канали, испусти и пропусти за атмосферска вода.

Патот до селските гробишта и храмот Света Богородица беше долгогодишна потреба на жителите на ова демирхисарско село. На нивно општо задоволство, ќе им се скратат маките особено за време на погребите бидејќи пред асфалтирањето, патот беше тешко прооден за моторни возила.

– Да даде Господ, што помалку да го користат асфалтот до гробиштата, но сега ќе се зголеми и интересот на прибилчани, крштевките и венчавките да ги прават во своето родно место, односно во нивниот православен храм Света Богородица, изјави градоначалникот Љупчо Блажевски кој денеска го посети градилиштето.

Патот се изгради со средства што општината ги обезбеди од Агенцијата на Република Македонија за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.