ФОТО: Првите автомобили во Кичево

Мора да било несекојдневен настан штом „челичните коњи“ почнале да се тркалаат по кичевската калдрма. Тоа дотогаш не било видено. Некои слушале за тоа, некои не ни слушнале. Првите автомобили во Кичево, овековечени на фотографии. За жал, засега немаме податоци кога точно стигнале и до Кичево, нити кој и како ја донел до градот со оглед на лошите патишта кои постоеле во првата половина на XX век од кога и датираат фотографиите.

Првата фотографија можно е да потекнува од 1939 година, ако бројката која е на регистрацијата ја означува годината. Можно е да била во служба на тогашната војска на Кралството Југославија со оглед на тоа што војници во таа униформа се сликани. Но со голема сигурност, ова е автомобил од марката Морис, Велика Британија според логото кое јасно се распознава.

Ова е веројатно првиот автомобил во Кичево. Mожно е да се работи за Ролс Ројс. Веројатно е дека фотографијата е направане во дваесеттите години на минатиот век.

Ова е една од најинтересните фотографии кои ги имам сретнато за Кичево. Зошто? Затоа што веројатно се работи за народен собир токму за нов автомобил. Тука има и попови за осветување на машината за „подолго да вози“. Според капите собрано е се живо кое во тој момент се нашло во Кичево. Тоа било настан на годината. Веројатно ја донел некој големец или поверојатно некој печалбар. Единствен логичен пат за да се донесе автомобил до Кичево за тоа време е да ја донесе со воз. Железницата постоела уште од 1916 година.

Верувам дека сликите се доста интересни. За жал информациите за нив се многу оскудни. Апел до секој кој знае нека остави во коментар или нека пише на kontakt@kicevo.mk Доколку поседувате други фотографии, испратете ги.