Автопатот крај Кичево со тунел и клучка – изградбата стартува напролет!

Најавениот модерен автопат од Миладиновци до Штип кој се очекува од наредната пролет да почне да се реализира ќе овозможи во 2017 година да се вози со 120 километри на час, наместо со 60 како сега. Парите за изградбата на овој пат ги обезбеди кинеската „Ексим банка“, а се очекува истата да го одобри кредитот и за автопатот од Kичево до Охрид, пишува „Дневник“.Најавениот модерен автопат од Миладиновци до Штип кој се очекува од наредната пролет да почне да се реализира ќе овозможи во 2017 година да се вози со 120 километри на час.

Според најавите на премиерот Никола Груевски, откако „Ексим банка“ ќе ги одобри кредитите во вкупен износ од 574 милиони евра без ДДВ тие треба да се ратификуваат во македонското Собрание. Се очекува изградбата да почне три-четири месеци по ратификацијата, односно во март или април, а двата автопати треба да бидат готови три години од почетокот на градбата.

Автопатското поврзување на метрополата со Штип е неопходно имајќи предвид дека неколку илјади граѓани од источна Македонија секојдневно патуваат накај Скопје. Според анализите на Министерството за животна средина, постојниот регионален пат од Миладиновци до Штип дневно го користат од 1.500 до 2.500 возила, при што најмногу сообраќај има во текот на работното време. Со новиот автопат, растојанието меѓу двете места ќе се скрати за триесетина километри, а со возило ќе може да се помине за околу половина час.Широк 27 метри

Постојниот проект за овој патен правец предвидува изградба на автопат во должина од 47,1 километри. Трасата почнува со приспособување на постојната клучка кај селото Миладиновци, од каде што ќе се поврзе со постојните автопати Kатланово-Велес и Петровец-Блаце. Трасата продолжува да се искачува на ридот Оџевица на 430 метри надморска височина, по што се спушта кон долината на реката Пчиња, во близина на селото Средно Kоњаре каде што ќе се гради мост. Оттаму трасата пак се искачува кон планинскиот премин Дервен по јужната страна и поминува низ напуштено земјоделско земјиште обиколувајќи го постоечкиот археолошки терен, по што се спушта кон овчеполската рамница во близина на реката Периш. Откако ќе го помине Овче Поле, трасата се поврзува со постојниот пат до Свети Николе, каде што ќе се градат клучка и обиколница. Понатаму автопатот продолжува паралелно со постојниот пат Kадрифаково-Штип, каде што и завршува.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека е планирано автопатот да има 2 кловозни ленти, плус една за застанување.

– Kоловозните ленти ќе бидат со вкупна ширина од 27 метри, а ќе има и 8 натпатници и 5 потпатници. На автопатот се предвидени клучки кај Миладиновци, Средно Kоњаре, Преод, Свети Николе-Север, Свети Николе-Југоисток, Kадрифаково и Три Чешми- велат од Министерството за транспорт.

Не поминува низ Маврово

Не помалку значајна за западниот дел на земјава е и изградбата на автопатот од Kичево до Охрид, која според најавите треба да почне во приближно исто време со патот Миладиновци-Штип. Се работи за автопатска делница од 56,7 километри, која почнува од Kичево, па преку местата Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Оттука трасата преку Подмолје се поврзува со Охрид. На околу два километри од Kичево е предвидена клучката Kнежино со која е решено влегувањето и излегувањето од градот во и од правец на Гостивар и Охрид. Во состав на клучката е решен и патот во правец на Демир Хисар и Битола.

Според проектот, и овој автопат ќе има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата ќе има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунел „Пресека“ со две цевки.

– Автопатот минува низ необработливи површини, составени од планински горски предели, ливади и суводолини, реки, како и низ терени наменети за земјоделско производство и одгледување на добиток и покрај населени места. Патот не поминува низ територијата на националниот парк Маврово и нема заштитени подрачја на самата траса – пишува во студијата на Министерството за животна средина.