Беличани ја обновија „Чешмата на венчаните“

Беличани се работливи луѓе, познати по тоа што се цврсто врзани за родната грутка и чувари на традицијата. Откако пред неколку години се обединија и започнаа со различни активности во интерес на селото, овие денови имаат уште една причина да бидат исполнети. Обновија една стара селска чешма, позната како „Чешма на венчаните“. Инвеститор е Илија Бумбароски со помош за ископ и организација од Раде Момироски, главниот „виновник“ и инспиратор на ваквите активности.

 Уште поинтересна е приказната за оваа чешма.

Белица е село кое изобилува со вода, оттука и многу чешми изградени во минатото од вредните раце на овдешниот народ. Една од нив е чешмата на венчаните. Оттука се пие вода со векови. Питка и ладна, мелем за душата. Во старо време тука доаѓале штотуку венчаните невести. Тука „гувееле“ во знак на послушност кон новата куќа на момчето каде младата влегувала. До неа било младото деверче и со него заедно се поклонувале пошто пиеле вода. Откако ќе ги извршеле обичаите, невестата полнела две стомни кои ги носела под двете раце во нејзиниот нов дом.

Оваа традиција се почитувала се до пред неколку децении. За жал и Белица не останала имуна на имиграцијата. Чешмата оттогаш се запуштила. Се до пред неколку месеци кога започна да се реализира идејата за обнова на оваа чешма. Обновата заврши пред неколку денови со голема свеченост и народен собир. Постарите се потсетија на времињата кога и самите биле сведоци на овој обичај. Желбите на сите се обичајот повторно да заживее, а свадбарските тапани и зурли повторно да ги распараат ридовите над Белица.