Готова е книгата „Битисување“ посветена на големиот пожар во село Слепче

Категории: Демир Хисар, Македонија

kniga-bitisuvanje

Со финансиска поддршка на општината Демир Хисар, а во рамките на манифестацијата „1000 години од постоењето на Манастирот Свети Јован Претеча, смртта на Цар Самуил и постоењето на населбата Слепче“, деновиве излезе од печат книгата „Битисување“ од Славко Крстевски од Слепче – демирхисарски и македонски поет и писател, драмски писател, новинар, хроничар, меценски поддржувач на културата и културен ентузијаст и синдикалист.

Книгата „Битисување“ или во алтернативен наслов „Како го доживеав ужасот“, е своевиден и по многу нешта редок, ако не и единствен мемоарски запис на сеќавања од почетокот на летото во 1948 година кога во апокалиптичен пожар што се случил на празникот Свети Леонтиј, до темел изгорело селото Слепче. Преку оваа „Беседа за битисувањето и воскреснувањето на Слепче“ кое како птицата Феникс, од пепелта на големиот пожар повторно се воздигна во модерна населба, на 240 страници, авторот Крстевски елоквентно и со високи нараторски способности раскажува, прераскажува лични, и доживувања и преживувања на неговите најблиски и неговите соселани од леонтијското огнено цунами:

– Овој настан можеби некаде е запишан, но досега не сум сретнал некој да го опише или прераскажаното да го запише. Има луѓе од селово што исто така го преживеале настанот, но не верувам дека некој нешто запишал или оставил некаков пишан документ. – му рече авторот на книгата Славко Крстевски на градоначалникот Љупчо Блажевски при средбата во неговиот дом, а по повод печатењето на книгата.

-Многу се радувам што општината беше во прилика да го поддржи овој проект бидејќи неговото финализирање се совпаѓа со големата милениумска прослава и што ќе претставува единствен и траен документ и сведоштво за еден ужас, и како што вели резензентот Дамевски, ќе остане да се прикажува дури има век и свет. – изјави градоначалникот Блажевски откако авторот Крстевски лично му го врачи првиот примерок од книгата.

Книгата ја издаде Домот на културата, а печатењето целосно финансиски го поддржа општината Демир Хисар.

„Битисување“ ќе биде промовирана на 30ти овој месец.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , ,