Браната Козјак претворена во депонија на кичевското ѓубре

Долги години нерешениот проблем со дивата градска депонија во Кичево, излегува на површина во лето кога истата се пали или во периоди кога реката Темница има висок водостој, како што е случај деновивe.

Тогаш надојдените води повлекуваат големи количини на пластична амбалажа и кеси, од дивата градска депонија кои потоа ги одлагааат на излеаните ниви во кичевско поле и во најголем дел преку реката Треска  ги депонираат на браната на езерото Козјак , што е воедно собирен пункт за целокупниот пластичен отпад од кичевско- бродскиот регион.

-Се додека не се реши проблемот со кичевската дива депонија, ќе се повторуваат овие слики , а на браната Козјак ќе се депонираат со стотици илјади пластични шишиња и кеси, кои во голема мера ја контаминираат водата од ова езеро, кое е новиот рај за риболовците од земјава. Исто така кога ќе се повлече водата од нивите во кичевско поле, сведоци сме како со илјадници пластични шишиња остануваат наталожени на нивите и претставуваат вистинска закана за еко системот и родот на ораниците- велат кичевските еколози и спортски риболовци , загрижени за состојбите во оваа сфера.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија