Бранко Стојаноски човекот кој „згреши“ бидејќи си ја сакаше татковината

Категории: Кичево, Слајдер

“Мора ли денес човек да биде нечовек за да стане човек”

Тешко и мачно е да се оди спроти ветерот и да се опстои по тој пат. Да се биде пред своето време е благослов. За жал, на балканот често и проклетство. Професорот по македонски јазик од кичевската гимназија Бранко Стојаноски (1936-1986) по се изгледа е човек кој ја понесол тежината да чекори спроти ветерот.

Бил борец за национална и социјална слобода на македонскиот народ и слободна Македонија. Тоа бил неговиот „грев“ кој ќе го носи се до крајот на животот.

Него го познаваат генерации на кичевчани. Тивок и повлечен човек. За учениците бил професорот на чиј час секој сакал да присуствува. Ги пленел неговиот интелект, смиреност и одмереност. Иако на удар на тогашните власти, професорот бил силно почитуван од своите граѓани. Знаејќи за сопствениот „грев“, до крајот на животот внимавал и што ќе каже и со кого ќе се сретне и пазел на било кого да не „наштети“ бидејќи за УДБ-а секој кој зборувал со него бил сомнителен.

Деновиве неговото име е повторно актуелно откако Комисијата за верификација на фактите го лустрира кичевскиот судија кој своевремено давал информации на полицијата за активностите на професорот и неговите ученици.

За да го доближам барем малку животниот пат и дело ќе ги објавам сеќавањата на неговите другари, борци за идеите на ВМРО и независна Македонија, пренесени од три различни искази во книгата „Судени за Македонија, 1945-1985“ од Др. Стојан Ристески.

Неговата приказна почнува како гимназијалец, далечните педесетти години на минатиот век.

„ВМРО-вската група на Кичевската гимназија од 1956 година“, така гласи насловот на исказот на церанчанецот Киро Јорданов Кокароски, гонет за идеите на ВМРО и слободна Македонија. Во гимназијата се запознал со повеќе напредни младинци, меѓутоа впечаток му оставил Бранко Стојаноски.

Кокароски заедно со Стојаноски формирале група кон која пристапиле повеќе млади. Се заколнале свечено дека ќе бидат верни членови. Првата поставена задача им било да набават книги за историјата на Македонија бидејќи во тогашната наставна програма, македонската историја била изоставена. Се учело само за српската. Ги набавувале од различни извори, најмногу од кичевската библиотека. На состаноците раскажувале кој што прочитал. На таков начин ги збогатувале знаењата за сопствената татковина.

Методија Цветкоски, Стојмир Робески и Бранко Стојаноски (Скопје, неколку недели пред апсењето во 1956), судени за идеите на ВМРО и слободна Македонија

Втората задача која ја реализирале била пишување на родољубиви песни. Кокароски раскажува дека песните на Бранко Стојаноски биле претежно со социјална тематика, додека неговите биле патриотски. Песните ги читале меѓу себе, а потоа ги уништувале за да не паднат во рацете на УДБ-а.

Подоцна решиле да ја прошират групата и тогаш започнуваат првите проблеми. Набргу нивната група е откриена благодарение на уфрлени членови на УДБ-а.

Дел се уапсени, за еден дел полицијата никогаш не дознала. Книгите кои ги имале биле скриени во куќата на еден од членовите и таму останале цели 30 години.

Биле притворени во поранешната озлогласена кичевска полициска станица каде биле ѕверски измачувани под секакво човечко достоинство. Таму и го сретнале еден од луѓето кои ги предал – Методија од село Сливово, шпион на УДБ-а и член на нивната група!

На крај службите немале доволно докази, па така уапсените куртулиле од суд. Скоро на сите им било понудено да станат соработници на службата. Бранко Стојаноски одбил. Подоцна завршува македонска книжевност и станува професор во кичевската гимназија.

Неговата дејност продолжува малку подоцна откако се смириле страстите. Спомнат е во сведоштвото на Стојмир Стојкоски како еден од членовите на кичевската тајна организација за самостојна и обединета Македонија „СИМО“ (Самостојна Илегална Македонска Организација).

Повторно, по нивна грешка групата е откриена и разбиена од УДБ-а. И повторно по „заслуга“ на истиот Методија од Сливово со кого од незнаење еден од членовите на СИМО ги споделил идеите.

Бранко Стојаноски се јавува во сведочењето на Стојан Никодиноски за нивната илегална активност од 1963 година.

Тогаш заминале чекор понатаму. Сакале да набават оружје и тука се откриени од УДБ-а. Имено, Јоше Јосифоски во 1965 година налетал на Мустафа од село Србица кој му ветил дека ќе му набави колку што сака пушки и пиштоли но под услов и тој да стане член на ВМРО-вската група. По овој разговор веќе било доцна за се’ бидејќи истиот Мустафа подоцна ги предал на УДБ-а.

Понатаму е познатата удбашка доктрина. Измачување, омаловажување, клеветење за дела кои не ги сториле и идеи за кои не се залагале лепејќи им етикети на ванчомихајловисти.

Конечно, за неговата активност во понатамошниот период, доцните 60-ти и 70-ти години гледаме и од информациите кои и биле давани на УДБ-а од разни извори, помеѓу кои и од, сега лустрираниот, кичевски судија.

Во досието „Младинци“ еден од следените е токму професорот по македонски јазик чие име е пречкртано, но јасно е за кого станува збор.

Бранко Стојаноски до крајот на својот живот останува мета на службите. Не дочека да ја види самостојна татковината на која и го посвети својот живот и дело. Почина во 1986 година. Сепак, неговото дело го надживеа. Луѓето како професорот го обелија образот на Кичево. Благодарение на него и на таквите како него се до распадот на СФРЈ во градот остана витална идејата за слободна и независна Македонија. Ги инспирираше генерациите кои ги учеше. 5 години подоцна се сруши системот кој се обидуваше да му го сруши духот и визијата и се роди независна Македонија! Неговата визија на крај победи! Благодарност за жртвата и неговото име и дело никогаш да не се заборават!

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , ,