Електронски распределени ЦЕМТ дозволите за 2015 година

Министерството за транспорт и врски денеска по пат на електронска распределба им додели ЦЕМТ дозволи за меѓународен превоз на стоки за 2015 година на 455 пријавени правни лица. Според прелиминарната ранг листа дозволи добија 1.228 од пријавените 2.069 возила што го исполнуваат еколошкиот стандард ЕУРО 5 или 63,27 отсто и 204 од пријавените 252 возила со ЕУРО 6 стандард, односно 83,6 проценти, додека просечната покриенос на возниот парк изнесува 65,6 отсто.

Прелиминарната листа е истакната на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, а транспортерите на оваа веб-адреса  во наредните осум дена во електронска форма ќе можат да ги поднесат сите забелешки во однос на распределбата. Сите превозници кои не добиле ЦЕМТ дозволи ќе може да добијат друг тип на дозволи кои ќе се договорат на средбите што Министерството за транспорт и врски ќе ги оствари со земјите во текот на годинава и догодина.

– Во предвидениот рок за аплицирање за меѓународни транспортни дозволи годинава се пријавија вкупно 611 компании од кои за ЦЕМТ дозволи аплицирале 455 компании, а за поединечни транспортни дозволи сите 611. За превозниците од Македонија во 2015 година на располагање имаме 1.220 ЦЕМТ дозоли за возила со категорија ЕУРО 5 и 204 ЦЕМТ дозволи за возила со категорија ЕУРО 6. По завршувањето на рокот во Македонија се увезени 31 ново возило со ЕУРО 6 така што може да се случи дел од овие возила да не се покриени со ЦЕМТ дозвола, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакисеки пред почетокот на распределбата.

Тој нагласи дека Министерството и покрај што има ограничени ресурси на ЦЕМТ дозволи планира средби со земјите од регионот и пошироко за да овозможи добивање дополнителни дозволи. Лани, како што рече, се остварени над 10 билатерални средби кои резултирале со целосна либерализација на превозорт со Чешка, Словачка, Велика Британија, Швајцарија, Унгарија, БиХ, а за годинава се обезбедени дополнителни дозволи за Италија, Романија, Турција, Австрија, Србија, Литванија и други земји.

– Наскоро ќе имаме средба со министерот за транспорт на Турција на која главно наше барање ќе биде либерализација на билатералниот транспорт. Тоа ќе го направиме и со други земји, а за наредната година се веќе закажани 14 средби со Србија, Турција, Руската федерација, Романија, Австрија, Германија, Данска, Белорусија, Бугарија, Литванија, Франција, Белгија и Хрватска. Тоа го правиме да побараме либерализација каде што нема или дополнителни транспортни дозволи доколку не ни биде дозволена либерализација, потенцира Јанакиески.

Како акутен проблем на македонските првозници го истакна оној со Русија која од 1 јануари идната година  наместо досегашните 67 базни дозволи на Македонија ќе и додели само 16. – Лобираме да се зголемат дозволите, а посебно за трети земји кои се многу значајни зашто нашите превозници се почесто ја користат Русија како транзит земја, истакна Јанакиески.

Тој ги повика транспортерите да не подлегнуваат на лица кои лажно се претставуваат и им нудат дозволи како во автобускиот превоз, бидејќи, како што рече, не постои паралелен систем за добивање дозвола и единствено денеска на електронското распределување може да се добие ЦЕМТ дозвола.

Јанакиески потсети дека во изминатиот период на барање на транспортерите Министерството за транспорт и врски направи изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај со кој се предвиде контрола на странските превозници кои вршат превоз на територијата на Република Македонија и задолжително да имаат ЦЕМТ дозволи или поединечна транспортна дозвола.

Генералниот секретар на МАКАМТРАНС, Билјана Муратовска посочи дека годинава за возилата со ЕУРО 5 стандард ќе се распределат 590 обични дозволи, 282 италијански, 90 грчки, 160 руски, 96 австриски, додека за возилата со ЕУРО 6 има 24 италијански дозволи, обични 48 и 132 обични кои не важат за Унгарија.

Таа истакна дека распределбата се врши врз основа на податоците кои се добиени од институциите за работењето на компаниите лани и во текот на годинава, а Комисијата има за цел да ги провери податоците дали се совпаѓаат.

– Транспортерите имаат рок од два дена да извршат размена на ЦЕМТ дозволите што ќе им овозможи да ги добијат дозволите за државите кои може да ги користат со што добиваме голема ефикасност во користењето, а тоа значи зголемување на базните дозволи во Европа, рече Муратовска.

Нагласи дека во последниве две години се зголемува извозот од Македонија, што, како што рече, дава можност да се работи и на билатерална основа. Посочи дека многу се намалени и празните превози со што е зголемена ефикасноста на работењето. Возилата кои не ги исполнуваат ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандардите, потенцира, ќе работат врз основа на билатералните спогодби кои Република Македонија ги има потпишано со другите држави.