Фатмир Дехари најави дека нема да има отпуштања на примените по оглас

Фатмир Дехари, новиот градоначалник на реорганизираната општина Кичево, одржа прес-конференција на која на новинарите им ги  предочи состојбите кои ги затекнал при стапувањето на функцијата на 02.04.2013 година.

–   Во досегашните општини може да се забележи дека бројот на вработени и преголем и не се во склад со европските стандарди и критериуми, исто така превисоката бројка не одговара и на етничката слика на регионот, односно во најголем дел се вработени лица Македонци, додека останатите етникуми имаат незначително учество во вкупната бројка. И додека општините Зајас и Осломеј според својата големина имале соодветен број на вработени, општините Другово, Вранештица и Кичево имале голема превработеност што е една од причините за зголемената задолженост. Иако сум на ова место повеќе од месец дена, сеуште немаме извршено примопредавање на повеќето општини, конкретно мислам на општините Вранештица, Другово и Кичево, но и тоа очекувам да се случи во најскоро време – рече Дехари.

Градоначалникот се наврати и на долгувањата кои ги имаат училиштата а најголеми се на ОСУ „Мирко Милески”, од 23 милиони денари и ОСУ„ Дрита” од 26.350.000 ден.

Така што во моментов во сегашната Општина Кичево се вработени 167 лица или  тројно повеќе луѓе од оптималната бројка, која според бројот на жителите треба да  изнесува околу 60 вработени. Градоначалникот се наврати и на енормната бројка на вработени во ЈП Комуналец Кичево, каде во моментов има 201 вработен, што е далеку над бројката и обемот на градот како што е Кичево.

– Според етничката слика ЈП „Комуналец” е доминантно македонска фирма затоа што во неа се вработени 145 Македонци, 16 Албанци, 16 Роми и 24 Турци. На овој начин е извршена дискриминација по етничка линија во градот и општината -додаде Дехари.

На новинарско прашање дали овие вработени што сега ги затекнавте во општината ќе останат на своите работни места и во иднина?

–  Јас ви гарантирам дека сите вработени кои се примени на оглас и според критериумите за вработување, а ги задоволуваат и останатите стандарди ќе останат на работа. Оние лица кои биле примени со договор на дело, треба да знаат дека нивната обврска завршува, со денот до кога гласи нивниот договор.

Дехари на крајот потсети дека, и покрај презадолженоста на општината, ќе продолжи нејзиното осовременување и чекорење кон зацртаниот европски пат. Ќе се вложат огромни  напори обврските да се анулираат, а општината да не го прекине планираниот развој во наредните четири години.

Зоран Антоски