Денес е Благовец

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник. Со право некои го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Името на празникот

Благовештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос (JO Eujaggelismov~), а на старомакедонски (црковно-словенски) јазик: Благовештение(BlagovyÃen·e). Составено е од два збора: блага + вест, радосна вест.

Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија.

Бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во ВИИ век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.

Благовештение го празнуваат и Источната и Западната црква.
Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Благовец – празник на мајките

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.

На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Денес, бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Именден

Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.