На денешен ден починал Александар Македонски

Категории: Македонија, Слајдер

На денешен ден во 323 г.п.н.е. во Вавилон умре Александар Македонски, син на Филип Втори Македонски и на Олимпија, ученик на Аристотел. Со своите походи, на кои неговата војска за осум и пол години мина 18.000 километри, создаде држава каква што не постоела според пространство ниту пред него, ниту по него.

Александар III Македонски бил крал на Македонија од лозата на Аргеадите и најпознатиот светски војсководец на сите времиња. Роден е во Пела во 356 година пред нашата ера како син на Филип Втори Македонски и епирската принцеза Олимпија. Неговото раѓање е проткаено со многу легенди кои подоцна ќе влијаат во изградбата на неговата личност. Воспитуван е во строгиот македонски дух да биде и воин,  политичар и филозоф. Негов учител и духовен татко бил големиот филозоф на античкиот свет, Аристотел.

По убиството на неговиот татко, Филип Втори, Александар седнува на престолот на моќното македонско кралство во 336 година и по средувањето на внатрешните прилики тргнува на долго подготвуваниот поход кон исток. Ги преминал Дарданелите со четириесет и две илјадна војска, малубројна но добро подготвена армија. По низа битки во кои ја истакнал својата брилијантна стратегија во која малкумина верувале, Александар Македонски ја покорил Персија, најмоќната империја дотогаш. Влегол во Вавилон каде подоцна ја пренел престолнината. Во Египет бил прогласен за ослободител и божество и го основал градот Александрија. Во походот на Индија ги освоил Согдијана и Бактрија каде се оженил со принцезата Роксана. Преку планините на Хиндукуш навлегол во Пенџаб, Индија, ја преминал рекана Инд, каде го поразил кралот Пор во битка во која и самиот бил тешко повреден. На негово големо разочарување Александар морал да го прекине походот на Азија и да се врати назад. Неговата армија по години војување била уморна. На пат кон Вавилон, преминувајќи ја Гердросиската пустина изгубил три четвртини од својата војска. Во Суза направил голема свадба, позната како свадбата на Европа и Азија, на која оженил 10 000 свои војници со персијанки.

Кога се вратил во Вавилон почнал да подготвува нов поход кон Арабија, Картагена и Италија. Александар научил многу и видел многу подалеку од своите учители. Тој бил првиот кој имал сон за светска држава во која културите ќе се мешаат и народите ќе соработуваат. Но неговиот сон завршува со неговата прерана смрт. Не се знае дали починал од маларија или бил отруен од најблиските соработници кои биле уморни од неговите големи планови. Починал на 13 јуни 323 година кога имал само 33 години. Легендата за него живее се до денес.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,