Диско „Црна Мачка“ (4)

Стана мода, беше потреба кругот на друштвото и поблиските да имаат приватно Диско. Тие Диско клубови беа соби во подруми од згради или соби во приватни куќи, средени по сопствен ентериер и можности, но задолжително: постери од актуелни светски и „домашни“ (беше С.Ф.Р.Ј.) Рок групи залепени на зидовите, некаква музичка кутија (најчесто грамофон), некоја плоча, сијалица (бела офарбана со мрсна (зелена, црвена, жолта), боја) и …….колку повеќе посетителки (ништо без нив и Трифолио), толку помило, позвучно Диското

Во меѓувреме и кај нас неколкумина созреа идејата за Диско клуб. Преку лето одев во посета кај мои роднини во Војводина, па од таму ја украдов идејата за името на „нашето Диско“. Го крстивме Диско „Црна Мачка“, му ставивме заштитен знак со глава од Црна Мачка ………..и повелете комшивке !!

Имавме еден другар, татко му беше полиберален, „шеик“ го викавме (работеше на бензиска пумпа) ни ослободи соба во подрумот од неговата куќа, па со најсилен ентузијазам почнавме да ја средуваме. Никој не правеше проблем оти ходникот пред да се влези во него, „комуницираше“ со една соба во која се вршеа браварски работи (мирисаше на железо), другата за зимница, а во еден „партер“, кокошарник со бројлери. Како меѓепсани внесувавме потребштини, кој што најде. Донесовме 2 каучи, убави столови, тепих недоќердосан……

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Тој тепих беше смолкнат од 3 – ти спрат од зграда со инвентивност достојна за опис: …. „Врзале мачка со долга ортома и ја заџидалиле кон спратот на терасата, сиротата за да куртули душа морала да се в чипчит на тепихот со ноктите, а после, ……. после Ние со него се „дичевме“ ………. За лајт – шоуто беа задолжени „браќата Далтони“ (М. & Б.)

Во сета онаа пред Новогодишна гужва во Трговски центар, фрлиле 3 – 4 петарди среде бел ден одеднаш свртувајќи го вниманието на цела раја кон пукотот, а во истиот миг двајца други од бандата ги сметнале светилките со кои била осветлена и накитена елката со која се гордеел цел Трговски. …..После се гордеевме Ние. Се подразбира дека постоеше „тивка војна“ кој ќе биди поубав, подопадлив, па затоа беше ѓаволски тешко да се влезе во друг Диско клуб во градот, не дозволуваа домаќините пристап, во стварност дозволуваа ама само на посетителки …….. Фаала му на Бога, постоеја и тоа време „шетачки“ преку кои следевме што прави конкуренцијата ! Се беше нај, нај, имавме свое парче од светот, во кое бевма свои без остаток. „Хеј Џуд“ од Бителси беше најпуштаната плоча на грамофонот „Травијата“ кога ќе дојдеа „тие“. Ќе ја поканиш на игра, а песната 7 минути и 04 секунди, доволно време да ја „швајцуваш“, залепиш за тебе.

Имавме еден (ќе му се допадне сигурно) одеше сабајле во 05 h со првиот воз во Гостивар божем на школо, ќе го запалеше „легачето“ (дрва неограничено, „фатени“ од О.У. „Кузман Јосифоски – Питу“ (беше блиску од каршија,)), а нас не ни преостануваше ништо друго туку да бегаме од часови оти „училниците беа ладни ко Сибир“ во споредба со Црна Мачка. Имавме од друштвото луѓе што веќе почнаа да си спијат тамо како дома. Повод банален, не се „слагале“ со домашните, а кој се сложувал на тие години, прашувам !!? Алармот беше вклучен од нашите родители. Сретни се, прокоментирај меѓу себе и заврши со ист коментар како Евреине („До година во Ерусалим“): …. „Ги зеде диското на душа децата“…..

Татко ми по сила на приликите се сретнуваше со шеикот често на бензиска и го „обработил“, дојде полугодие, кецој „так нормалњи“ ама на само кај мене, кај другар ми, туку кај сите што се вртевме тука, и паднала одлука, да се растури диското, „оти од нас луѓе не бидувало“. Седевме една вечер внатре и наеднаш специјална казнена експедиција составена од нашите татковци упадна в диско. Татко ми командант, шеикот и …. Испретураа се, не набркаа, го расфрли ја севкупниот наш труд за само 5 минути. Колку само ги мразевме, тогаш !!! ………… Каков несреќен крај, за една наша гимназиска среќа која ми ја грее душата при секое навраќање на тие времиња ……..

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако