На 1 септември стартува проектот „Дисперзирана клиника”

Категории: Македонија

На 1 септември стартува проектот „Дисперзирана клиника”, со кој еминентни и веќе докажани доктори од здравствените установи од Скопје и Охрид ќе можат да даваат здравствени услуги на пациентите низ клиничките и општите болници во останатите градови во државата. Во рамки на повеќегодишниот проект ќе бидат ангажирани професори, односно доктори специјалисти и субспецијалисти со 10 и над 10-годишен работен стаж, кои искажуваат интерес за работа во останатите градови. Има голем интерес од страна на докторите.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој на презентацијата на проектот рече дека целта е размена на искуства и истовремена едукација за воведување нови методи и интервенции, како и работа со новата медицинска опрема.

– Посетата на еминентните и докажани медицински професионалци од универзитетските клники и болници е со цел  да се овозможи оптимална искористеност на медицинските апарати и подобар квалитет на здравствените услуги, посочи Тодоров и додаде дека станува збор за уште една значајна новина, која ја иницираат со цел унапредување на здравјето на граѓаните на Македонија.

Ангажираните доктори, истакна министерот, ќе добиваат соодветен дневен надомест, нивната работа ќе се вреднува и согласно системот за плаќање по учинок, а исто така, ќе биде креиран и посебен термин за закажување преглед кај овие клинички доктори, согласно електронскиот систем за закажување Мој термин.

Ќе бидат ангажирани доктори од сите универзитетски клники од комплексот клиники „Мајка Тереза” – Скопје, од Градската болница за хируршки болести „Св.Наум Охридски”– Скопје, од Градската општа болница „8 Септември“ – Скопје, од Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир, од Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле,  од Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“-Охрид, како и од Заводот за физикална медицина и рехабилитација-Скопје.

– Рокот за аплицирање на сите заинтересирани специјалисти и субспецијалисти од посочените здравствени установи е до среда, а докторите кои ќе го пропуштат овој рок (заради летните одмори или од други причини) имаат можност во следниот период да се јават во Министерството и да го искажат својот интерес за вклучување во овој проект. Имаме голем интерес од страна на докторите и веќе се имаат пријавено поголем број клиничари од областа на детска хирургија, пулмологија, тораковаскуларна хирургија, абдомен и други специјалности, рече Тодоров.

Посочи дека докторите-клиничари кои  ќе аплицираат за учество во проектот ќе бидат дисперзирани во клиничките болници во  Битола, Тетово, Штип, во општите болници во Велес, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Прилеп, Струга, Струмица, Охрид, во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” – Охрид, ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација за КВЗ-Охрид, како и во специјалните болници за белодробни заболувања и ТБЦ во Лешок и во Јасеново.

– Бенефитот од оваа мерка на Министерството е неколкукратен. Од една страна пациентите ќе добиваат здравствена услуга во своето место на живеење од секундарно и терциерно ниво, односно нема да бидат изложени на дополнителни патни и останати трошоци. Бенефитот за докторите, а пред се за самата здравствена установа е размена на знаење и искуство од еминетни и докажани во својата професија клиничари, како и унапредување на здравствените услуги и воведување нови методи и интервенции, истакна Тодоров.

Паралелно со периодот на аплицирање, информира министерот, во тек е и креирањето на календарите за распоредот на докторите заинтересирани за работа во болниците во другите градови.

– Овие доктори ќе можат максимум два дена месечно да даваат здравствени услуги во болниците низ другите градови, со цел да се испочитуваат и обврските кон матичните клиники и болници. Еден од основните постулати на проектот „Дисперзирана клиника“ е секој ден во болниците низ Македонија да биде присутен минимум по еден доктор од универзитетските клиники или од специјалните болници, во зависност од определената специјалност, додаде Тодоров.

Тој ги повика заинтересираните доктори кои имаат желба да го споделат своето долгогодишно знаење и искуство да се пријават во Министерството и заеднички да се придонесе кон подигнување и унапредување на здравствената заштита во здравствените установи во државата, и да се обезбедат уште поквалитетни здравствени услуги за граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе прават календар за распоред за месец и половина до два претходно за да можат да бидат известени пациентите и за да можат докторите од тие болници да го планираат времето, а исто така и докторите кои работат на клиниките во Скопје.

– Многу доктори се пријавија од повеќе клиники и очекувам дека кога ќе стартува проектот ќе има уште поголем интерес и ќе можеме дури и да го зголемиме бројот на доктори и на денови кои очекуваме да бидат опфатени. Имаме предвидено некаде околу 190 доктори кои ќе бидат опфатени со овој проект. Но, тоа не е финалната бројка, посочи Тодоров.

Тој рече дека проектот би чинел околу четири милиони денари годишно трошок за докторите (средства кои ќе бидат платени како дневница на докторите) и уште околу 3,5 до четири милиони денари патни трошоци.

– Значи целиот проект не би требало да чини повеќе од 7,5 до осум милиони денари годишно, додаде министерот Тодоров.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , ,