Потпишан договорот за изградба на автопатите

Категории: Кичево, Слајдер

Владата на Република Македонија вчера со кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ ги потпиша договорите за изградба на автопатските делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.

Договорите од име на Владата ги потпишаа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, а од кинеска страна овластениот претставник на компанијата Yu Shichun.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 580 милиони евра со можност од максимум 10 проценти за дополнителни работи. Најголем дел од средствата, односно 90 проценти се обезбедени преку кредит од кинеската ЕКСИМ банка, а останатите 10 проценти од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Согласно договорот, изведувачот е должен да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51 процент македонски државјани.

Градежните активности се очекува да започнат во првиот квартал на идната година.

Изведувачот, како што информира Министерството за транспорт и врски, е должен да ги обезбеди сите потребни дозволи и сертификати согласно прописите за градење, просторно планирање, безбедност, животна средина, заштита на културно наследство и други прописи кои ќе имаат влијание за започнување на градежните активности. Исто така треба да обезбеди и соодветни обуки за македонските работници кои би биле ангажирани.

Автопатот Миладиновци – Штип ќе биде со должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Автопатот од Кичево до Охрид е во должина од 56,7 километри со широчина од 25,5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас.

Со изградбата на двете нови автопатски делници се очекува интензивирање на економскиот развој во сите региони од државата, развој на туризмот и намалување на времето за патување и зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,