Другово ќе се развива во сегашните граници

Категории: Кичево

Во периодот кога сѐ уште не е завршен процесот на припојување на руралните општини кон градот Кичево, во општината Другово натамошниот пораст и развој ги планираат во постојните граници.

Таква стратегија подготвуваат и за наредните четири години, а тоа го потврдува и размислувањето на актуелниот градоначалник Добре Никоски.

– Иако се наближува терминот за локалните избори, за кога е планирана и нова територијална реорганизација на овој регион, сепак ние планираме општината и понатаму да функционира во сегашните граници и самостојно да обезбеди одржлив развој, кој ќе се базира на искористување на сопствените потенцијали. Во тој правец трите носечки столба за развој на општината Другово ги гледаме во селскиот и манастирски туризам, производство на консумна пастрмка во неколкуте рибници и почетокот на градба на стопански капацитети во индустриската зона Србјани, која се наоѓа на територијата на нашата општина. Правиме стратегија кои населени места треба да бидат на приоритетната листа за селски туризам. Втора многу поважна гранка е производството на консумна риба и рибен подмладок -вели Добре Никоски.

Чистите реки Студенчица, Треска и Белица, кои во својот извориштен тек се во оваа општина, се главниот предуслов за развој на оваа гранка.

– Моментално во нашата општина работат четири рибници, кои произведуваат над 150 тони консумна риба пастрмка, која се пласира во поширокиот регион, како и на охридското крајбрежје и која е надалеку позната по својот квалитет. Нашата студија вели дека на овие реки можат да се изградат и двојно повеќе рибници, кои ќе овозможат нов импулс за развој на овој регион. Општината ќе ја обезбеди целокупната логистика, само да дојде до изградба на овие капацитети – посочува градоначалникот на Другово.

Според визијата на ЕЛС Другово, паралелно со изградбата на рибници ќе се градат и туристички капацитети, кои ќе ја дополнат понудата од здрава храна. Во општината сметаат дека овој регион во текот на летото го посетуваат голем број транзитни туристи. Изградбата на повеќе ресторани и мотели ќе придонесе дел од овие патници да останат тука, да ги посетат новоизградените локали, а добар дел од нив и да ноќеваат во недопрената природа.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,