Две децении без Милан Младеновиќ и ЕКВ

Категории: Магазин, Слајдер

Денеска се навршуваат 20 години од смртта на Милан Младеновиќ, фронтменот на култната белградска рок-група „Екатарина Велика“. Иако живееше само 36 години легендарниот музичар и ЕКВ оставија неизбришливи траги во рок музиката. Нивните хитови и рефрени и денес наизуст ги пеат и новите генерации вљубенци во рокенролот.

Милан Младеновиќ е роден 21 септември 1958 година во Загреб, каде што живеел се до тргнувањето во основно училиште. Неговиот татко бил офицер на ЈНА од Крушевац, а мајката домаќинка од Макарска. Потоа се сели во Сараево за кое вели дека „мрачно влијаело на него“.

– Бев страшно ратоборен, вистинољубив, малечок и постојано се тепав со постари од себе. Тие се разбира ме претепуваа и така доаѓав дома крвав и тоа траеше 6-7 години додека живеев таму… Бев клинец со очила и носев танго гитара под пазуви. Посетував часови кај познатиот Гари Гаринча. Од него научив неколку акорди. Потоа се преселив во Белград (1970) и постојано свирев и правев песнички, а потоа кога го запознав Гаги се формира „Лимуново дрво“, вели за себе Милан.

Во оваа прва група основачи покрај Милан Младеновиќ беа и Милан Стефановиќ и Драгомир Гаги Михајловиќ. Подоцна им се придружуваат Горан Ковинчиќ и Душан Вдовиќ – Вд. Настапуваа на гитаријади во Домот на младите, а одржаа и два концерти во СКЦ. Познати нумери на „Лимуново дрво“ се „Дали се сечате?“, „Седми круг око моје главе“, „Лимуново дрво“, „Не веруј“ и „Губитак“.

Во април 1980 година со Гаги, Душан Којиќ Која и Иван Вдовиќ го основаат бендот „Шарло Акробата“, една од култните југословенски групи која издаде само еден албум („Бистрији или тупљи човек бива кад…“) и компилацијата „Пакет аранжман“ од која произлегоа хитови со кои го променија домашниот рокенрол. Песните „Нико као ја“, „Она се буди“, „Око моје главе“ се дел од задолжителната музичка лектира. Заедно со „Идоли“ и „Електрични оргазам“ трите бенда се сметаа за носители на „Новиот бран“ во југословенската музичка и уметничка сцена.

Оваа група се распаѓа набргу по несогласувањата меѓу Милан и Која, а во 1982 се формира „Катарина Втора“ во која членуваат Милан заедно со Гаги и Вдовиќ, а им се придружуваат Маргита Маги Стефановиќ на клавијатури и Бојан Печар (бас). Првиот концерт групата го има во 1982 година во СКЦ.

Во 1984 година излегува албумот „Катарина Втора“, а потоа од групата заминуваат Гаги и Вдовиќ, а доаѓа Иван Феце Фирчи. Тогаш групата го менува името и станува „Екатарина Велика – ЕКВ“. Следуваат албумите „Екатарина Велика“ (1985), „С ветром уз лице“ (1986), во 1987 излегува албумот снимен во живо на нивниот концерт во Загреб „19LIVE86“, а истата година излегува и албумот „Љубав“. Следат албумите „Само пар година за нас“, „Дум, дум“ и „Неко нас посматра“ кој е воедно и последен албум на ЕКВ.

Револтиран од случувањата кои ги предизвика распадот на СФРЈ, Милан заедно со неколку рок музичари во 1992 година го иницира антивоениот проект „Римтутитуки“ и ја снимаат песната „Слушај вамо“ со клучниот рефрен „Мир брате, мир“.

– Ми се чини дека сме потиснати, не можеме ниту чекор наза, но ниту напред… Борете за својата лична слобода и не дозволувајте некои лажни вредност и лажни норми да ве задушат, борете за живот, напиша Младеновиќ за случувањата по распадот на Југославија. Пролетта 1994 година заминува во Бразил каде што заедно со Митар Суботиќ Субо ја снимаат својата последна плоча „Angel’s Breath“. Според зборовите на Милан, тоа е еден вид психоделичен самба рок со балканско влијание.

Во август 1994 година по настапот на ЕКВ на фестивалот во Будва, Милан е префрлен во болница каде му е дијагностициран рак на панкреас. По три месеци борба со тешката болест умира исцрпен и со само 35 килограми.

– За крај би кажал само дека во ниту еден случај не ми е жал што сите овие години ги потрошив на толку несериозна работа како што е рокенролот. Мислам дека почесно и поискрено не можев да ги потрошам сите тие години, се последните зборови од монографијата за Милан Младеновиќ.

Почина на 5 ноември 1994 година во Белград каде што е и погребан.

Своите животи прерано ги завршија и останатите членови на ЕКВ. Басистот Бојан Печар почина во Лондон од срцев удар на 13 октомври 1998 година, клавијатуристката Маргина Стефановиќ почина 18 септември 2002 година во Белград, а причината за нејзината смрт никогаш не беше официјално потврдена, но се верува дека починала од интравенозно користење на дрога. Останатите членови на бендот починаа од сида, Иван Видовиќ во 1992 и Душан Вељановиќ 2000 година. Сето ова ја чини трагедијата за овој бенд уште поголема, но покрај тоа легендата за нив и понатаму живее со иста силина како во осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,