Facebook попис: Колку Кичевчани има вкупно?

Facebook има над 1,4 милијарди корисници. Можностите кои ги нуди facebook за користење на некои од податоците кои ги поседува, овозможува статистички увид во повеќе категории. Се разликуваат од земја до земја. Во САД можеш да ги селектираш луѓето и по политичка определба. Македонија претставува една од земјите која е солидно достапна за податоци.

Кичево.Мк направи истражување колку кичевчани живеат денес, базирајќи се на податоците кои ги нуди Facebook. Како параметри кои ги зедовме се луѓето кои се идентификувале со Кичево, нивниот пол, земјата во која живеат и дали се малолетни или полнолетни. Секако, овие податоци не се целосно прецизни, но можеме да ги насетиме тенденциите.

За жал, во овие тенденции може да се насети трендот кај младите генерации (прво, второ колено), родени или израснати надвор од Кичево (и Македонија) кои повеќе не се идентификуваат со градот откаде потекнуваат нивните родители, па се јавува јаз кој е нелогичен ако се гледа бројот на полнолетни лица кои жители кои мрежата ни ги покажува. Уште еден проблем е што некои корисници немаат наведено број на години или полова припадност па ги гледаме само како дел од вкупниот број.

Првиот голем бран на иселување на населението од Кичево е забележан во 17 век (по 1689 година) со пропаста на Карпошовото востание, кон тогашна Австрија (Војводина) и Русија. Трагите на ова население денес се целосно изгубени. Трендовите на иселување од Кичево и Кичевско во поново време започнале на крајот на 19 век. Оние кои првично оделе на печалба во Бугарија, Србија, Романија и поретко во прекуокеанските земји како САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, со време останувале таму и ги повлекувале своите семејства. Денес мал дел од потомците на овие луѓе (3-та и 4-та генерација ги држат врските со местото од кое потекнуваат). Првите драстични бранови на иселување од Кичево се по Илинденското востание, Првата светска војна, периодот помеѓу двете светски војни, и од втората светска војна до денес. Впрочем, населението од Кичево континуирано се иселува повеќе од 100 години што е жален податок. Причините биле од економска и политичка природа. Само последниве 50 години од Македонија се иселиле 447 000 луѓе, а последниве 10 години, околу 10 000 покажуваат податоците на Светската банка и македонскиот Завод за статистика. Секако, Кичево е еден од регионите кој значително учествува во овие поразителни бројки.

Правците на миграции воглавно биле Бугарија, Србија и Турција до почетокот на втората светска војна, а оттогаш наваму правците на иселување на кичевчани се повторно Турција и Србија и западноевропските и прекуокеанските земји. Токму од овие иселувања се составени и бројките кои ви ги презентираме. Карактеристично е што овие луѓе сеуште држат некоја врска со родниот град и се идентификуваат со него. За жал, трендот на младите генерации не е таков. Така на пример кичевските иселеници во Бугарија речиси не се идентификуваат со родното место. Но истиот случај е и за замјите како Швајцарија, Шведска, Германија, САД, Австралија каде ги регистрира како помалку од 100. Интересно е што во Република Турција има добар дел на млади (2 генерација) кои се идентификуваат со родното место на нивните дедовци и ги има најмалку 250.

Да почнеме со она основно прашање: КОЛКУ НЕ ИМА НА СВЕТОВ? Според фејсбук, не’ има 87 595 луѓе кои се врзуваат со Кичево. Од нив 43200 (49,31%) живеат во Македонија, во најмногу во Кичево, потоа Скопје, Битола и Охрид. Мрежата во моментов неможе да даде точен податок. Лошиот податок е што 50,68% живеат надвор од Македонија. Оваа бројка на кичевчани кои се поврзани со Кичево изминативе 100 години е многу поголема и сигурно изнесува над 100.000. Facebook до пред брзо време го покажуваше податокот од околу 103.000 но во моментов таков податок не прикажува.

% на кичевчани кои живеат во Македонија и во дијаспората

Значајни заедници на кичевчани, според податоците на Facebook има во: Швајцарија, Србија, Шведска, Албанија, Косово, Турција, Германија, САД и Италија. Нешто помал е бројот во Франција, Австрија, Норвешка, Бугарија, Босна и Херцеговина, Обединетите Арапски Емирати, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Австралија кои сеуште се идентификуваат со Кичево, а за кои Facebook разликува податоци.

Значајни колонии на иселеници од Кичево

Интересен е податокот што Facebook идентификува луѓе кои се идентификуваат со Кичево (нивниот број е помал од 100 по земја) во: Канада, Данска, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Полска, Велика Британија Холандија, Белгија, Шпанија, Нов Зеланд, Катар и Русија.

Од овие бројки 42 950 (49,03%) се мажи 35249 (40,24%) се жени додека 7981 (9,11%) не ставиле полова припадност. Интересно е што во земјите како Швајцарија, Шведска и Германија бројот на жени е поголем од бројот на мажи. Сепак да не заборавиме дека во прашање се регистрирани фб сметки и можеме да претпоставиме дека значителен број на наши иселеници немаат своја сметка на фб. Ако се водиме од ова, бројот на иселеници во овие земји е значително поголем, но можеме само да нагаѓаме колку изнесува.

Според бројот на полнолетни (од 18 до 65+) регистрирани корисници во Македонија и дијаспората, ситуацијата е следна:

Полнолетни Кичевчани (18-65+ години) според пол

Ова е впрочем главнината на податоците со кои располага facebook. За дел од земјите каде има помал број на иселеници, мрежата неможе да даде прецизен податок за половата припадност.

Според податоците за малолетни корисници, ситуацијата е следна:

Малолетни Кичевчани (13-17 години) според пол

Поради малиот број на корисници facebook неможе да ги разликува по пол, освен за Република Македонија и Република Турција. За неколку земји неможе ни да се добие податок. Мора да се земе во предвид дека овие бројки се однесуваат за корисници од меѓу 13 и 17 години. Групата под 13 години не е опфатена. Сепак, бројките се многу мали.

Иако цифрите погоре, се приближни, тие сепак ги отсликуваат трендовите. Во догледно време Facebook сигурно ќе овозможи и други и попрецизни параметри. И овие како такви, треба да ги искористиме за создавање на програма на запирање на трендот на иселување и враќање на дел од оние кои се иселиле или потекнуваат оттука.