Владата воспоставува систем за финансиско разузнавање

Унапредување на перформансите и ефективноста на системот за борбата против криминалот и корупцијата и негово усовршување до високо ниво и по светски стандарди е целта на Проектот за воспоставување најмодерен и најсофистициран систем за финансиско разузнавање што со одлука на Влада наскоро ќе започне да се реализира во Македонија.

Како што соопшти на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, моделот на системот е преземен и се остварува во соработка со Владата на Норвешка, а за реализација на целиот проект по пат на кофинансирање обезбедени се 1,5 милион евра.

– Функцијата на системот ќе биде спречување на перење пари и финансирање на тероризам, но и борба против останатите видови на финансиски криминал кој ќе овозможи поефикасна анализа и обработка на податоците, а особено ќе придонесе за значително намалување на времето за анализа на случаите кои се предмет на оперативна работа. Ако порано за некоја обработка биле потребни неколку месеци, сега со овој систем за обработка ќе бидат потребни само неколку минути, истакна Ѓорѓиев.

Системот ќе биде управуван од Управата за финансиско разузнавање каде што ќе биде и организациски, кадровски и просторно воспоставен и воведен во работа. Веќе се определени лицата кои ќе работат на оваа проблематика, а системот ќе биде воведуван со поддршка на норвешката Единица за финансиско разузнавање при норвешкото МВР што, вели Ѓорѓиев, дава гаранција за квалитетот на проектот, неговата сигурност и превенција од злоупотреба.

Предвидено е воведување силен софтверски систем кој ќе обезбеди податоци за секое пријавено или осомничено лице, односно прибирање податоци, автоматска обработка, анализа на случаи и генерирање извештаи. Системот ќе располага со обемна и прецизна база на податоци релевантни за третирање на овој вид криминал, а ќе располага и со модул за визуелна анализа на податоците. Со системот ќе се обезбеди, додаде Ѓорѓиев, и поефикасно координирање на активностите на органите надлежни за борба против криминалот: МВР, Јавно обвинителство, Управата за финансиско разузнавања, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Управата за јавни приходи кои ќе бидат специјално поврзани за комуникација со цел за размена на податоци и информации заради поефикасно справување со финансискиот криминал.  Посебен аспект ќе биде и модулот за генерирање финални разузнавачки извештаи од сферата на финансиското разузнавање кои ќе се проследуваат до надлежните органи за борба против криминалот.

– Ова значи воведување комплетен систем во сите фази и скалила од процесот на можно противправно однесување и систем за ефикасна борба против криминалот. Вака поставениот систем ќе ја сведе на минимум можноста за перење пари и финансирање тероризам, односно до степен на исчезнување, рече Ѓорѓиев.

Се планира и воведување интерактивна веб-апликација преку која банките, адвокатите, штедилниците, извршителите, нотарите и другите субјекти согласно Законот ќе можат да доставуваат податоци, како и да бараат проверка на осомничени и потенцијално опасни лица кои сакаат да вршат финансиски криминал. Во рамки на системот ќе биде вграден и модул за автоматско генерирање и испраќање податоци, односно барања за дополнителни податоци до банките.

Со воведувањето на овој систем кој треба да профункционира во целост во 2013 година, покрај Канада и Австралија кои се лидери во светски рамки во оваа област и Норвешка која е лидер во европски рамки, Македонија ќе се вброи во земјите со најсофистициран систем за справување со финансискиот криминал.

Проектот за воведување на системот е инициран од Управата за финансиско разузнавање заради зголемување на нејзините перформанси за ефикасна и брза борба со разните форми на финансиски криминал.