Започна наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“

Категории: Македонија, Слајдер

Наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“ почна од вчера и ќе трае до крајот на 2014 година. Нејзиниот почеток официјално го означи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески со претставници на Државната лотарија на Македонија, која е организатор на извлекувањата.

Собраните најмалку 20 фискални сметки треба да се стават во бел плик со стандардна големина и да се пратат на адресата: Државна лотарија на Македонија, бул. „Гоце Делчев“ бр. 8, Поштенски фах 363, со назнака: За наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“. Нема ограничувања на износот на сметката, ниту на бројот на испратени плика,  на кои не смее да стои името на испраќачот, туку неговите податоци (име и презиме, адреса и тел. број) се запишуваат на ливче и се ставаат во пликот заедно со сметките.

Првото извлекување ќе биде на 30 декември 2013 во живо на Македонската телевизија по Дневник 2, а во секое наредно коло ќе учествуваат и ковертите од претходните извлекувања.

Министерот Ставрески денеска на прес-конференција соопшти дека за да им излезе на граѓаните во пресрет, Министерството за финансии решило  да бидат прифатени и фискалните сметки по 15 ноември, кога беше објавена наградната игра.

Новина е збогатувањето на наградниот фонд така што за една година додека таа трае ќе бидат доделени три стана, три дуќани и девет автомобили, покрај вредносните ваучери од 3.000 до 60.000 денари.

Становите се од по 52 метри квадратни, а дуќаните по 30 квадрати, лоцирани во Аеродром, на ул. Трета ударна бригада. Тие се обезбедени од Владарта на РМ, од Фондот за станови и деловни простории што ги гради АД за станбен и деловен простор. По еден стан и еден дуќан ќе бидат извлекувани на шест месеци – првите на 30-ти овој месец, следните на 30 јуни 2014, и последниот стан и дуќан на 30 декември 2014, кога ќе заврши наградната игра.

По првото коло, на 30 декември 2013, следните ќе бидат на секои шест недели, и на секое ќе биде извлекуван по еден автомобил од средна класа (вкупно девет). Извлекувањата ќе бидат во ист термин (понеделник на МТВ по Дневникот 2).

Ставрески денеска ги покажа и ваучерите кои ќе бидат во шест категории: аудио/видео опрема (10.000-60.000); бела техника и мали кујнски апарати (3.000-60.000); мобилни телефони, фотоапарати и опрема (5.000-60.000); компјутери и компјутерска опрема (15.000-60.000); велосипеди и опрема (10.000-20.000); прехранбени продукти (4.000). Стоковната добивка ќе биде на граѓанинот кој со одредениот ваучер ќе може ја подигне кај економските оператори-соработници во наградната игра.

На МТВ секој понеделник од 20 часот ќе има и 15-минутна контактна емисија, на која граѓаните ќе може да се пријавуваат  да присуствуваат на извлекувањата и да добиваат информации за наградната игра, за која детали, исто така, има и на веб-страниците на Министерството за финансии и на Државната лотарија на Македонија. Водителот од МТВ  Димитар е заштитно лице на играта и ќе ја води, а ќе му помага водителката Ведрана.

Вицепремиерот Ставрески на прес-конференцијата истакна дека наградната игра е продолжение на таа што беше организирана во 2001-2002 година, чија главна цел е граѓаните да се мотивираат и да се подигне нивната свест да бараат фискална сметка, да се подигне степенот на фискализација и плаќањето данок од сите субјекти во државата.

- Со учеството во наградната игра, секој граѓанин ја поддржува домашната економија и процесот на фискализација и легална конкуренција меѓу фирмите, ја поддржува изградбата на објекти од јавен интерес, кои се финансираат преку прибраните даноци на граѓаните, а и за граѓаните ќе има корист зашто ќе има богат фонд на награди, истакна Ставрески.

Очекува дека вкупниот фонд за сите награди (станови, дуќани, автомобили и стоковни награди) ќе се движи од 350.000 до 400.000 евра.

Остави коментар:

коментари. (Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Слични вести:

  1. Ќе се субвенционираат 75 % од ратата и учеството за „Купи куќа, купи стан“
  2. На 10-ти февруари оркестарот на МРТВ ќе се трка за Греми награда!
  3. Напредок се подготвува за игра без класичен шпиц
  4. ИНТЕРЕСНО: Започна да се гради огромна футуристичката кула на Водно, погледнете слики
  5. Започна божиќниот пост

На 24 години ги заработија првите 100.000$. Освоија прва награда во светски рамки од Samsung. Виртуози во создавањето на мобилни и веб апликации. Веруваа во успехот, работеа напорно и стигнаа до него. Двајца од нив - кичевчани. Погледнете
Tags: