ФОТО: Фотографии од еден од откриените бунари

Пред малку добивме неколку фотографии од еден од откриените бунари кој се наоѓа кај поштата. Иако слабо се гледа, сепак се распознава градбата на околу 1-1,5 метри под земјата која тогаш била површина.

Бунарот е затрпан со земја падната по откривањето но видливо е дека земјата е мокра што значи дека под неа има вода. Многу веројатно е дека се работи за средновековни бунари стари неколку стотини години кои од непозната причина пред неколку векови биле покриени со пат.

Црвениот камен кој се гледа на сликата веројатно потекнува од каменоломот под Илиница, истиот каменолом од кој е земан материјал и е градена тврдината на Китино Кале. Дали се градени во исто време? Што уште може да излезе на виделина?

Во старо Кичево постоел водовод, а вода била носена од насока на Крушино. При копање на варница за куќа во Џума маали (погоре од „Берзана“) пред околу 30 години, луѓе налетале на керамички цефки кои доаѓале од Крушино накај чаршијата. Малку подолу од ова место до пред 60-70 години постоела Чаршиска чешма која е забележана на слики.

Старата чаршиска чешма (долу лево) која постоела до првите децении на XX век

Дали старите кичевчани каптирале стари извори кои се наоѓале некогаш во подножјето на Крушино? И ден денес над станица постои барен една чешмичка која дава ладна вода за пиење.

Откривањето на овие бунари е прво откритие по подолго време кое повторно ги буди приказните за старо Кичево.