Стари гатанки и умотворби од Кичевско од пред повеќе од 100 години (1)

Категории: Ризница, Слајдер

Овие гатанки и народни умотворби се собирани од јероѓаконот Јосиф од манастирот Света Богородица Пречиста. Тој грижливо ги собирал од народот и ги објавувал во Цариградскиот весник „Новини“ во периодот од 1890 до 1905. Благодарение на него биле спасени од заборав и ги имаме денес. Со нив се поучувале, плашеле, тешеле, објаснувале… нашите предци.

За да ги зачуваме оние кои не се запишани, ве молам испратете ни ги на kontakt@kicevo.mk и ќе ги додадеме на листата.

Од село Козица

Болен не ет, а офкат. (Свиња)

Кусо дрво мајки потребало. (Толчник)

Кај што лежит црвенко, трева не растит. (Огон)

Меѓу два рида црвено куче. (Јазик)

Од рид на рид викат: Ѓуро мој, Ѓуро мој. (Ѕвонец)

Од село  Кнежино

Ж’лто прасе в тиња лежит. (Расол)

На вечер клај го, на утро извај го. (Сурме на врата од внатре)

Поткрени парталите фати се за доброто. (Грозје под лозинка)

Стојт соленик на врба. (Рогој од коза)

Четири сестрички една кукла носат. (Орев)

Од с. Белица

Шар шарено, шар пишано на дрвоно шарајливо. (Бајрак)

Ни ојт, ни п’лзат, трага прајт. (Грне в огниште)

Малецоо убоо, цара од којна сметинат. (Јаготка)

Си имав едно покровче, се виљает попокров, сестра си не можа да ја покрија. (Снег и река)

Десет мина врзав, каде текни ми тамо и тера. (Прстите на нозе)

Десет стисни, два писни. (Прсти и боска)

Два орла на една шија (Дисаѕи)

Од село Дупјани

Растов растов девојчински, се поклонив невестински, ме секова како роба (роб) ме блекова како була, ме толкова по глаа како змија. (Рш) – Формите секова, влекова, толкова се слушаат само во песните, а во обичниот говор се вели: Секо’а, влеко’а, толк’а.

Два огна се бијат, бели пени пуштаат. (Камења воденички).

На врв тапан скугурец. (Папук на стомакот)

Полн дол сол. (Песок)

Си имав едно воленце, сета слама ја изеде, една лепешка не остај. (кош за слама)

Уз бука торбулка. (Џеб)

Чаша по чаша в Цариград.  (коњски стапалки).

Од с. Орланци

Црвено мало цар од коња сметинат. (Јаготка).

Еже, еже тутулеже, кажам ти го не го знаеш. (Еш)

Елбет бет царев зет, на кол висит зло ти мислит. (Пушка)

Викат Вида од два рида: бранете ме од кокошките, од пците не ме страв. (црвец).

Запишал јероѓакон Јосиф од манастирот Пречиста, Кичевско.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , ,