Групите и бандите во градот (3)

Категории: Ако појдам во чаршија..., Ризница, Слајдер

Дали може да се зборува баш за банди или за подобро организирани групи во градот, оставам на Ваша проценка !!?

Секоја група, банда имаше своја специфична, препознатлива свирка со уста, која при огласувањето значеше дека некој нивен член, членови се тука некаде во близина. Тогашната организација на бандите во градот, беше хиерархиски и по дисциплина скоро на ниво на полувоени формации !!! Знам, ќе рече некој „Абе ајде не филмувај, не претерувај“, но ……..

………..Пред 15 години во посета на родното Кичево, дојде Музе од Муне Цуцета, наш комшија од старо маало отселен во Истанбул, Турција во 50 – тите години. Јас не го „зафатив“, ама брат ми при средбата на барање од Енсар Врапчески да погодува само еден пат кој е гостинот од Истанбул, го препозна в темница по одот, на прво.

Не знаевме што да го прашаме попрво, ……… кажа дека 28 години го чекал тој момент, повторно да прошета на местото што како дете го газел. Го прашувавме се и сешто, како те пречекаа, раскажа и во еден момент рече дека сите врсници, комшии од нашето старо маало го викнале на ручек само ..лан ..пон (викан еѓиди – деѓиди) не го викнал и даде едно оправдување – објаснување: ….. „Можит е во право што не ме покани, многу го тепав“………

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Ми остана нејасно, па кога се разделивме го прашав брат ми за какво тепање зборуваше ……… „Ааа бе Марјан, ќе застанеше (Музе) на сред маало во широчинана (кај дуќанон за мопеди и мотори „Алик“) и ќе свирнеше, кој не ќе појт на повикот, ќотек ко магаре, така татко не немат делкано“. Не можев да поверувам дека е вистина !!!?? …….Како што не веруваше ни син ми дека, кога ќе му наредев на некој потчинет од групата во нашето ново маало, да појде да ми донесе 2 – 3 круши од дома, а ние заминати барем 500 метри подалеку, одеше без поговор, илии …… кога веќе почнав да се дружам со друго, ново друштво, „командата“ ја превзел ..фето, а тој имал нов ферман* спрема „пониските по чин“ во групата: …Кога ќе поминувал тие морале да му се обраќаат со „Здраво Генерале“….. Живи сведоци како дел од потчинетите и денес: 1) „Драган Мачакон газда на пекара „На – Си“, 2) Драган Јовески – адвокат и 3) Зоран Наумоски градежен инжинер во Ј.П. „Комуналец“.

Добро ги паметам бандите, групите: „Аласите*“ од Под Варош, рибари и силна фудбалска екипа која секогаш стигнуваше до полу/финале на турнирот во „Мал фудбал “кој се одржуваше на терените од денешниот Дом АРМ, за Илинден 2 – ри Август. „Локоси“ од Ложиона (тука порано го ложеле со ќумур, вода малото вовче Ќиро (денешни Ламели), развеано знамето под една слива, и карти, табла, дама по цел ден, ама во погоре наведениот турнир = секогаш први. Е ај добери се до нив за да фатиш сеир, само преку „дебела врска“. „Бандана Велкоска“ лоцирана во сокакон „Џума маало“ на улица „Нико Пусоски“ кој излегува до градскана џамија. Белаџии, задрогази, насилници, оди закарај се со некој од бандата, сите камења од улица кај тебе в двор, а пенџерињата сол ги правеа. Плус, кога ќе се најдеа во беспарица (да било само тогаш) ќе те пресретнат и ќе ти викнат: „Џепотрес“ ќе ги кренеш рацете и ќе ти земат се што имаш во џеповите, а вообичаено немавме ништо „Бандана од РЕ и РО“, специјалисти за улични тепачки и на игранки во Калено ……… Припадноста на прајдот, глутницата во некои минати времиња беше од витално значење за секој член од групата, зошто без група или банда раснеш како асоцијативна личност, би рекле сегашниве психолози. Да раскажуваш денес и на денешниве, дека едвај сме чекале да се започне нова куќа, а ние први да ја „сефтосаме“ ……. со колективна онанија по собите, со скришен магацин од украдено овошје, дневен депанданс, прва цигара, скривалиште од ………….., можеби е неразбирливо за многумина !!??, ама ние се, буквално се делевме заедно во групата ………..

Алас* = речен рибар

Ферман* = наредба, указ од Султанот (како во народната песна „Ферман дојде џанам од Станбола“)

 Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , ,