Хмел, хмел, чист хмел (25)

Категории: Ако појдам во чаршија..., Ризница, Слајдер

hmel

Во потрага по ќар, лесни пари, секоја далавера е (не)дозволена. Во средината на 70 – тите години собиралиште на некои како мене, ни беше и една томбола во градов. Картата на доверба за влез во „поинтимните“ катови на таа томбола и здобивање наклоност на шефот од томболата, подразбираше: Се што е компромитирачко а си видел – не си го видел, секогаш ќе ги браниш интересите на томболата (читај шефот), а тие интереси беа од најразличен спектар, па така на пример: кога шефот игра на пари табла со пулови со „муштерија“*, должен си да го извадиш од такт муштеријата, за полесно да се „измрестит“ со парите, ќе го форсираш „пациентот“ со алкохол – повторно до мрест, кафето – танко санки од црнец пот – за да не биде освежен, ако било епиек* фрлено, а шефот набрзина ги фатил ѕаровите и рекол дека е 2 и 1 оти не му конвенирало, 2 и 1 е, итн …итн ….. се во интерес на шефот.

Секој новитет, посебен бонус кај шефот, па така: ….двајца браќа близнаци М & Б (познати белаџии) во касни сати го преместуваат велосипедот на опијанет муштерија на табла со шефот, вадејќи го оној кружен дел на сообраќајниот знак и го навираат велосипедот на него. Влегуваат панично и викаат: …. „Некој е украл бициклата од .олета“, излегуваме вистина ја нема, ама малку потака бициклата потпрена на знак. Опри еднаш, опри два пати .оле никако да му текни дека е наврена на знак, станува нервозен, дисфункционален ….аамии таков го сакаме ние, посебно шефот.

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Смртен грев, статус на PERSONA NON GRATA (непожелна особа) во томболата беше да се истури недопиено пиво од флаша или кригла. Растур на пиво како поим, беше непознат, забранет. Долго се прашував зошто !!? Еднаш мораше и јас да зирнам во „малите игри на големите мајстори“. Откако се здобив со титулата „доверливо лице“ ми беше дозволено да го видам шефот како од сите недопиени пива и кригли, повторно полни пива во шише и го затвора со еднаш веќе отворено метално капаче. Ќе завртеше со специјален отворач на капачето и СКОПСКО И СЕ МОЖНО !!

И погодувате, овие шишиња имаа посебна гајба, се пласираа во ноќните саати со пригушено светло, во права атмосфера и на одбрани муштерии како оној со бициклата. Една вечер нарачува пиво пациентот (беше курир во Општина, носеше наочари санки газер од шише, имаше пари и само пиво пиеше), ми дава ишарет шефот, ја разбрав лозинката и му донесов од „специјалната гајба“. Таблата продолжи да се игра нормално и наеднаш се засркна човекот, ќе се удавеше од голтката пиво, Чукај ние по плешти, кревај рацете да дојди до здив човекот. Бидна, се куртули и го креват шишето пиво кон светло – сијалицата и нешто не му е јасно…….. Почна да вика:

-„Фафал (прекар на шефот), Фафал имат нешто внатре“!

Веднаш приметив, некој ја фасирал половина цигара и ја фрлил в шише, тоа шише во друго шише со специјално капаче, ќор шефот, поќор муштеријата и ете сме кај давењето. Ми се испуле шефот, секундарно се поткасав на долната вилица и му текна…… Го зеде шишето, го крена високо кон сијалицата, почна да го врти ќерне и победоносно викна:

-„ХМЕЛ, ЧИСТ ХМЕЛ …. тазе е пивово .пичкати материна и дупли ѓозлуци* да клајш пак ќор си“.

Гракнавме сите од смеа, спласна тензијата. Ваков маневар во суден момент е возможен само кај најдобрите.

Еднаш еден мој пријател за шефот рече и ја кажа целата вистина: „Тој беше жива превара“. И сега до колку некој се прашува зошто бевме приморани да трпиме „дисциплина кичме“ од шефот и му бидеме наклонети до крај, да одговорам: Во тоа време после 23 : 00 h немаше отворени, кафеани, кафулиња, и сл. Единствена институција беа томболите и улиците, а ќе се сложите нели подобро во томбола од колку на отворено, а и кој ќе раскажуваше за овие случки од тоа време !?

Муштерија* – од Турскиот јазик = редовен посетител, клиент кој остава пари.
Епиек* – кога на двата ѕара ќе паднат две единици при играње табла.
Ѓозлуци – од Турскиот јазик = наочари

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,