Тежок инцидент во кичевската гимназија, протести и бојкот на наставата

Категории: Кичево, Слајдер

Завчера се случил тежок инцидент во кичевската гимназија „Мирко Милески” откако три македонски момчиња (Р.П., А.Ј. и К.П.) биле пречекани, нападнати и претепани од албански ученици. Инцидентот се случил после четвртиот час, околу 16.40 часот. Момчињата биле нападнати без никаква причина.

Вчера, ден по инцидентот, организирани преку социјалните мрежи и во знак на солидарност, наставата ја напуштиле македонските паралелки и излегле на мирен протест во дворот на гимназијата. Присутни биле ученици од сите генерации. Изјавиле дека наставата ќе биде бојкотирана се додека надлежните не преземат мерки за расчистување на случајот и откривање на насилниците. Протестот бил одржан од 13.30 до 16.00 часот.

Одговорните во гимназијата повикале вонреден совет на родители на кој било одлучено да се одржува редовна настава, бидејќи проблемот ќе биде решен. Но и покрај оваа одлука, учениците остануваат на ставот за бојкот и расчистување на случајот. Нов протест е најавен за денес во 13.30 часот и се очекува поголема поддршка. Голем дел од учениците утрово не биле на настава, а низ гимназијата осамнале македонски и албански знамиња.

Покрај овој протест, преку социјалните мрежи најавен е и контрапротест на албански ученици.

Во 12 часот закажан е состанок на тимот за безбедност, тело во кое учествуваат ученици од сите паралелки.

МВР сеуште го расчистува случајот, а како што неофицијално дознаваме во негово расчистување ќе се вклучи и ОБСЕ. Во гимназијата се поставени безбедносни камери.

Вакви инциденти не се новост и тоа е проблем кој се провлекува низ годините. Во објектот на гимназијата „Мирко Милески” се сместени паралелки на новоформираната гимназија „Дрита” која сеуште нема свој објект. Слични инциденти се случуваа и во Струга во гимназијата Нико Нестор.

Во текот на денот се очекува МВР да излезе со извештај околу најновите случувања во кичевската гимназија.

PS – Упатуваме молба до медиумите да не го злоупотребуваат случајот пренесувајќи непотврдени и паушални информации

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,