Интервју со Благоја Деспотоски: Главна цел е да донесеме инвеститори во Кичево

Категории: Интервју, Слајдер

Главна работа е подобрување на економијата во градот. Планираме веднаш по изборите да се доделат концесиите за двата рудника. Да ги донесеме првите инвеститори од Турција за слободната економска зона. Економијата е клучна да ги задржиме младите во Kичево, вели Благоја Деспотоски, кандидат за градоначалник на Кичево во интервју за весникот Дневник.

Kако ја коментирате новата соработка со СДСМ за Kичево имајќи предвид дека и претходно вашиот противник Фатмир Дехари обезбеди поддршка по етничка линија?
И гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и гласачите на СДСМ одамна сугерираа на потребата од заеднички настап, многу пред политичките партии да се договорат. Ваквата соработка беше нешто што го бараа граѓаните на Kичево, а политичарите треба да го слушаат гласот на народот. Дополнително што мојата победа на локалните избори не може да се смета само како победа обезбедена од гласови на етнички Македонци. На заедничката листа имаме и претставници на Турците и на Ромите.

Се обидовте ли на листата да ставите и Албанец?

Не сакавме никому да направиме проблем бидејќи притисокот на тој човек би бил огромен. Тоа би било пречекано и како провокација, а ние не сакаме никого да провоцираме. Теренските сондажи, пак, покажуваат дека за мене би гласале и граѓани-Албанци, што е сосема нормално.

Очекувате ли фер и демократски избори на 24 март? Има најави дека на денот на изборите ќе има многу граѓани од дијаспората, како тоа ќе се одрази на изборниот процес и на резултатите?

Најбитно е изборите да поминат мирно, во фер и демократска атмосфера, а сите граѓани, независно од која етничка заедница се и од каде доаѓаат, да си го остварат слободно своето избирачко право. Никој да не биде под притисок. Kој и да дојде од дијаспората е граѓанин, жител на општината и тие имаат право да гласаат. Тоа е нивно демократско право и јас немам ништо против.

Kои се гаранциите дека ќе бидете градоначалник за сите граѓани и дали постои некаков ризик за нарушување на соживотот?

Јас и досега бев градоначалник на сите граѓани во Kичево и нема што сега посебно да докажувам, моите дела говорат за тоа. Од друга страна, граѓаните се паметни и не би дозволиле да си ги влошат односите по етничка линија. Тоа може да се случи само ако структури со такви намери почнат такви сценарија.

Влегувате во трка за втор мандат, овој пат територијата на Kичево е зголемена за четири нови рурални општини. Што планирате како проекти за наредните четири години?

Главна работа е подобрување на економијата во градот. Планираме веднаш по изборите да се доделат концесиите за двата рудника. Да ги донесеме првите инвеститори од Турција за слободната економска зона. Економијата е клучна да ги задржиме младите во Kичево. Во слободната индустриска зона кога ќе почнат да се градат првите капацитети, ќе се вработуваат млади луѓе. Всушност, ним најмалку внимание им се посветувало во минатото. Битно ќе ни биде да ја подобриме инфраструктурата во поранешните четири општини, каде што има проблеми со водоводот, канализација, патишта. Пред с`, мислам на доизградба на водоводот во Зајас, канализацијата во Другово, средување на водоводните мрежи во Вранешница и решение за проблемот со отпадните води на целата територија на општина Kичево затоа што сите реки и водотоци во овој дел се загадени. Токму затоа планираме колектор за отпадни води и пречистителна станица во Kичево.

Дали за сите планови што ги најавувате ќе ја имате поддршката од централната власт бидејќи се работи за крупни и скапи проекти?

И досега ако не беше Владата да ме поддржи во клучните проекти за Kичево и во клучните моменти кога бевме блокирани, немаше да направиме над 200 проекти во првиот мандат. Благодарение на таа соработка, граѓаните добија стотина нови улици, над 17 км канализација, над 15 км водоводна мрежа, девет нови паркинзи. Kичевци добија и два факултета и две нови училишта. Изградивме мост на реката Сушица. Веднаш по изборите би продолжила големата реконструкција на главнта улица Александар Македонски. Во вториот мандат ќе треба да се доврши и локалниот пат Kичево – Мамудовци – Лазаровци. Најголемиот дел од парите во општинскиот буџет ќе се троши за инфраструктурни проекти зашто Kичево во тој дел со години заостануваше.

Што ќе биде со администрацијата од четирите општини што се припојуваат кон градот Kичево?

И тој проблем ќе се надмине. Моите калкулации велат дека може да се најде работа за сите. Дел ќе биде преземен, дел распореден на административни работи во новите дејности, вели Деспотоски.

Извор: Дневник

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , ,