Истражување: Дали античката Ускана навистина се наоѓа во Кичево?

Категории: Кичево, Репортажа, Слајдер

byllis7

Намерата на овој текст е да помогнам и да дадам свое видување на минатото на Кичево и на лоцирање на античкиот град Ускана кој досега локациски се врзуваше со 3 локации, меѓу кои и кичевската котлина. Дали Ускана лежела во кичевскиот регион или не, останува на науката да утврди. Мојот текст, се надевам, ќе биде од помош.

Додека дојдам до конечната форма на ова истражување изминаа неколку месеци во прегледување на неколку книги кои се занимаваат со оваа проблематика.

За поткрепа на овој текст ги користев следните достапни материјали:

  • Тит Ливиј – Историја на Рим, книга 43, каде Ускана е спомната 4 пати
  • Gustav Zippel, Die Romische Herrschaft in Illyrien Bis Auf Augustus (издадена 1877 година)
  • Benedictus Niese, Geschichte der griechischen und makedonischen Staaten seit der Schlacht bei Chaeronea” (Geschichte der griechischen und makedonischen Staaten seit der Schlacht bei Chaeronea (History of the Greek and Macedonian states after the battle of Chaeronea) (Издадена во три изданија, во периодот од 1893-1903)
  • Никола Вулиќ : Geografija Južne Srbije u antičko doba. Glasnik Skopskog naučnog društva, sv. XIX, Skoplje 1938., str. 3 i 4. (како основа го цитира B. Niese)
  • Кичевска котлина – Јован Ф. Труфуноски (како основа го цитира Н. Вулиќ)
  • Т. Tomovski, Auf den Spuren der illyrischen Siedlung Uscana, 2A XII—1962, 339.
  • John Wilkes – The Illyrians
  • Вера Битракова – Грозданова – Споменици од Хеленистичкиот период до Македонија
  • Фанула Папазоглу – Средњобалканска племена
  • Гордана Спасовска Димитриоска (МАА, 7-8, 1987)

Ускана прв и последен пат ја споменува римскиот историчар Тит Ливиј, во историските книги „Историја на Рим“ во контекст на Третата Римско-Македонска војна (171-168 г.пр.н.е.). Оттогаш историјата „молчи“ за постоењето на таков град, нити некој друг град во подоцнежниот период се поврзувал со Ускана. Првите обиди за лоцирање на овој град се направени 21 век подоцна од историчарите Gustav Zippel и Benedictus Niese во 1877 односно 1893 година.

-.-Niese1

Извадок од книгата на Benedictus Niese (1893) во која се споменува Ускана, во книгата како „Хискана“.

Лоцирање на Ускана според историските гледишта

*Во врска со лоцирањето на Ускана, во науката постојат неколку мислења. Едни ја лоцираат Ускана кај Кичево (Никола Вулиќ, F. Papazoglu, Plemena, 147, f.n. 197, ги коментира различните мислења за лоцирањето на Ускана меѓу Дебар и Кичево; за Кичево го наведува мислењето од В. Niese, Geschichte der griechischen und Makedonischen Staaten seit der Schlacht bei Charonea, Gotha 1893.), други кај Дебар (Papazoglu, Plemena, 147, f.n. 197 го цитира мислењето од Zippel, Die romische Herrschaft in Illyrien bis auf Augustus, Leipzig 1877; J. Kromayer-a,Antike Schlachtfelder II, Berlin 1907; P. Meloni, Perseo e la fine della monarchia Macedone, Roma 1953, 275; F. Papasoglou, Quellques aspects de l’historie de laprovince de Macedoine, Aufstieg und Nidergang der romischen Welt, Berlin 1979.332 cе придржува кон мислењето за лоцирањето кај Дебар) трети го поставуваат градот кај Дебарца, на север од Охрид 30 км.( Tomo Tomovski, Auf den Spuren der illyrischen Siedlung Uscana, 2A XII—1962, 339.). (*цитат: Споменици од Хеленистичкиот период до Македонија – Вера Битракова Грозданова)

На терен, нејзината локација останува неутврдена.

Што кажува главниот извор Тит Ливиј за Ускана?

Ускана е спомената во книгата број “43” од „Историјата на Рим“, во поглавјата “10”, “18”, “20” и “21”. Пишаното во тие поглавја засега е единствениот извор на кој се темели се’ што е поврзано со Ускана. Според Ливиј, Ускана бил најголемиот град во Пенестија со вкупна популација од околу 10 000 луѓе. Градот бил под контрола на Македонците и влегувал во доминионите (градови кои ја признавале Македонската власт) на македонскиот крал Персеј.

Римскиот конзул Апиј Клаудиј кој бил пратен на освојувачки поход се сместил во Лихнидос (денес Охрид), во областа Десаретија (порано охридската област го носела ова име) со војска од вкупно 8000 војници (4000 римјани и 4000 војници кои ги собрал по пат низ Илирија). Клаудиј добил порака дека жителите на Ускана ќе го предадат градот на Римјаните. Без да се посомнева во точноста на оваа информација, тој се упатил кон Ускана и се залогорил на 12 милји (околу 17,7 километри) од градот. Во Лихнидос оставил околу 1000 луѓе додека останатите (7000) ги повел со себе. Клаудиј поведен од информацијата дека градот ќе му се предаде  не ни оформил некоја воена формација. Таа лекомисленост го чинела тежок пораз пред портите на Ускана. Во Лихнидос се вратил се’ на се’ со 2000 луѓе. Најголем дел од неговата војска бил убиен во обид да избега. Ова се случило во 171 или 170 година пред нашата ера.

Livij1

Извадок за Ускана, Тит Ливиј, „Историја на Рим“, книга 43, пасус 10

Војната помеѓу Рим и Македонија продолжила. Во зимата 170/169 македонскиот крал Персеј увидувајќи дека освен границата со Илирија, останатите граници му се сигурни, тргнал на нов поход кон запад. Неговиот поход имал 2 цели: прво, да ја обезбеди западната граница кон Илирија, и втора, да го придобиле Илирскиот крал Гентиј на негова страна против Римјаните. Овде Тит Ливиј и поконкретно ни кажува локациски каде се наоѓа Ускана – на 3 дена марширање од Стубера (денес село Чепигово во Пелагонија). На база на ова пишување, подоцнежните историчари ќе ја бараат и нејзината локација.

Македонскиот крал Персеј тргнал накај Ускана, „најголемиот град во Пенестија“ со 10.000 пешадија (дел од нив фаланга), 2000 лесно вооружени војници и 500 коњаници. Во Ускана била сместена римска воена посада и нешто Илирски војници. По 3 дена марш, Персеј се залогорил кај Ускана. Најпрво испратил емисари, по редот на нештата, за да се најде мирно решение. Откако до мир не дошло, Македонскиот крал наредил напад. Се војувало деноноќно без престан. Бранителите на градот издржале неколку силни напади, надевајќи се дека Македонците ќе се откажат од опсадата поради силната зима и војната со Рим која била во полн ек. Кога на крајот ги виделе подвижните опсадни кули на Македонската војска пред градските ѕидини, сфатиле дека понатамошната одбрана на градот е залудна – раскажува Ливиј.

Римските команданти К. Карвилиј Сполетиниј и К. Афраниј биле испратени да преговараат со Македонците од името на Рим за нивно безбедно повлекување. Персеј им одговорил позитивно на нивните барања. Откако Римјаните се повлекле, Илирската коњаница од 500 луѓе и Усканците се предале. Персеј поставил македонски гарнизон во Ускана, додека дел целата популација на градот ја однел во заробеништво во Стубера. Римските војници (4000 на број), со исклучок на нивните команданти ги распоредил во неколку градови за стража, додека Илирите и Усканците биле продадени како робови во Пенестија.

Livij2

Извадок за Ускана, Тит Ливиј, „Историја на Рим“, книга 43, пасус 18

Ускана последно е спомената во поглавјата 20 и 21 од истата книга. Дејствата опишани во овој дел се однесуваат на нов поход на кралот Персеј кој поминал во Ускана (која дополнително ја зајакнал). Коелиј, римскиот командант направил обид да ја освои Ускана од Македонците кои биле сместени во градот. Неговиот напад бил одбиен, додека голем дел од неговите луѓе биле повредени. И во овој обид на Римјаните да ја заземат Ускана, претрпеле пораз и поразени се вратиле во Ускана. Тука за последен пат се споменува Ускана во историските извори. Сепак според ова градот останал да постои. Овој настан се случил 169 или 168 година пред нашата ера. Наредните 21 век Ускана не се сретнува во историските извори.

Livij3

Извадок за Ускана, Тит Ливиј, „Историја на Рим“, книга 43, пасус 20 и 21

Ускана на историските мапи

Во книгата на John Wilkes – The Illyrians, поместена е мапа на Илирските населби, но со денешни имиња. Во неа, неколку Илирски населби се прикажани по долината на реката Црн Дрим, како најисточни населби на Илирската територија која се простирала до Јонското море на Запад, до Епир на југ и до Истра и Сава на север.

The-Illyrians-John-Wilkes

Предисториски Илирски населби, John Wilkes – The Illyrians

Територијата на која денес лежи Кичево, авторот не ја споменува во својот труд.

На друга мапа каде се претставени балканските кралства во 3 век пред нашата ера, кратко пред Римско Македонските војни во кои Тит Ливиј ја споменува Ускана, овој град е лоциран исто така по течението на реката Црн Дрим во Дебарското поле во дел кој се наоѓа во денешна Албанија.

Dardanian-Kingdom

Локација на античкиот град Ускана во 3 век пред нашата ера.

Токму на ова место го лоцираат повеќето автори, кои во поткрепа на својата теза даваат дека град со толкава популација (10.000 луѓе) може да го издржи само територија со големина на Дебарското поле.

Каде треба да се бара Ускана?

Рецитаторската група „Ускана“ во 1973 година, на прослава 30 години од првата слободна територија. Од десно: Трајанка, Боге, Ирена, ......Соња и Мито.

Рецитаторската група „Ускана“ во 1973 година, на прослава 30 години од првата слободна територија.
Од десно: Трајанка, Боге, Ирена, ……Соња и Мито.

Кичевчани имаат прифатено дека античкиот град Ускана се наоѓал во Кичево. За ова најголема улога има југословенската историографија која според тврдењето на Никола Вулиќ ја сместила Ускана на овој простор.

По овој антички град било именувано и рецитаторското друштво “Ускана” во кое членувале: Трајанка, Боге Петрески, Ирена, ……Соња и Мито, кафаната „Ускана“ на Бедо Канзоски, телевизијата „Ускана“…

Во последно време името на „Ускана“, сосема непотребно, се злоупотребува во политички цели, особено во 2013 година за време на локалните избори во Република Македонија.

Но по достапните историски извори и современата наука, Ускана не се лоцира во Кичево, туку многу поназапад.

Кичево Мк, врз основа на пишувањето на Тит Ливиј, дека Ускана е “на 3 дена марширање од Стубера“, направи симулација со помош на Google Maps на која се обидовме да го реконструираме овој настан од пред 22 века.

На првата симулација го пресметавме патот од Чепигово (некогашна Стубера), па се до Кичево, земајќи ги трите правци по кои е можно да се движела Македонската војска кон Ускана, доколку таа се наоѓала во Кичевската котлина. Ги зедовме во предвид описите дека се работи за „марш“, дека маршира „војска во време на војна“ и дека е „зима“, како што се посочува во самиот текст на Тит Ливиј.

Резултатите беа следни: И трите маршути се по ист, планински терен. Од Пелагониската котлина, на запад најбилску е Кичевската котлина каде и би можела толкава војска (12.500 војници) да се залогори и да биде обезбедена. Престој во планински предел или клисура е опасен по безбедноста и бројноста на војската незначи ништо доколку падне во заседа. Во секој случај, патот од Стубера до Кичево не е 3 дена, туку 14-16 часа (1 ден марширање), во зависност по која маршута се движела војската:

-Маршута 1: Стубера – Македонски Брод – Кичево (72km ≈ 49 римски милји) = 14 часа, 49 минути

-Маршута 2: Стубера – Крушево – Преку Турла – Кичево (стар пат 74 km ≈ 50 рим. милј.) = 16 часа

-Маршута 3: Стубера – Демир Хисар – Подвис – Кичево (72,8 km ≈ 49 рим. милј.) = 14 часа и 55 минути

Но секако ова не се 3 дена туку 1 ден. Кичево е на само нецел ден марширање од Стубера, со доволно време да се подигне логор за војската, доволно безбеден за при евентуален јуриш на непријателската војска, трупите на Македонскиот крал да имаат доволно време да се групираат, распоредат и да маневрираат во просторот. Патот до Кичево е низ планински предели, превои, една клисура, недостапен за во него да преноќи безбедно војска, особено не во зима, што го форсира македонскиот крал да стигне во котлина.

Со ова во голема мера отпаѓа дека Ускана лежи во Кичево, што секако не ја исклучува претпоставката дека војската на Персеј користела некој од овие патишта за да стигне до Ускана, но многу поназапад.

Stubera---Kicevo-mala

Според картата, маршот од Стубера до Кичево (каде под предпоставка би била Ускана) траел 1 ден, а не 3 дена.

Продолживме понатаму, и поклопивме една стара карта со современата мапа на Google и ја лоциравме претпоставената локација во Дебарското поле, како втора можна локација. Резултатите се следни:

Preklop-na-mapi

Преклоп на стара карта со современа мапа на Google

Патувањето од Стубера до локацијата на преклопената карта е 27 до 35 часа вкупно време поминато во одење, зависно која маршута ја одбрал кралот Персеј. Секако, кога тука ќе се додаде времето за преноќување доаѓаме до заклучок дека веројатноста ова да е локацијата до која војската на Персеј марширала 3 дена во зимата 170/169 година, е голема. Токму оваа локација се наоѓа во горниот дел на Дебарското поле кое денес лежи во Република Албанија.

Дополнително, факт кој ја поткрепува оваа теза е тоа што римскиот војсководец Клаудиј при првиот напад на Ускана, се залогорил на 12 милји (17, 7 километри) од градот. Кичевската котлина е премногу мала за да се најдат две точки на толкава раздалеченост од кои едната би била град, а другата воен логор кој треба стратегиски да биде поставен за да се одбрани. Такви услови нуди токму Дебарската котлина.

Претпоставуваме дека Персеј ги форсирал војниците на марш од 12 часа, додека останатото време од патот го поминувале во залогорување и одмор. За 12+12+3 часа стигнал на локацијата каде се наоѓала Ускана, некаде на север на Дебарското поле.

Ова значи дека во најмала рака, Кичево бил пограничен град кој лежел во пограничната каде во тоа време се војувало, но мали се шансите токму тука да лежи некогашната Ускана. Впрочем Кичево се откриени најмалку 10 помали и поголеми тврдини што го потврдува фактот дека од раната антика ова подрачје било погранично, добро укрепено и како такво се задржало до доцната антика кога тука граничеле римските провинции Македонија, Епир и Превалитана.

Ако не е Ускана во Кичево тогаш кој антички град лежи во кичевската котлина?

Историските извори зборуваат дека во Кичевската котлина живеело племето Бриги. Бригите често ги врзуваат со Фригијците кои подоцна засновале кралство во Мала Азија, а мигрирале токму од овие предели. Нивното потекло го врзуваат едни за Македонците, други за Тракијците, трети за Пајонците.

Во Кичево, со исклучок на Кнежинскиот Манастир, никогаш не се спровеле систематски археолошки истражувања кои ќе можат да дадат резултати кои ќе го расветлат минатото на кичевскиот регион.

Во сондирањата на неколку локации под раководство на археологот Гордана Спасовска Димитриоска, утврдено е присуство на населби од античкиот период, меѓу кои барем за една може да се претпоставува дека е градска населба која датира од периодот на раната антика и која била жива и за време на римско-македонските војни. Но нејзиното име не го знаеме. Во секој случај, можеме да претпоставиме дека тоа не е Ускана.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,