Изгласани законите, автопатите стартуваат со градба напролет!

Со 66 гласа „за“, еден „против“ и ниту еден „воздржан“ републичкото Собрание вечерва во рамки на 74. седница  го изгласа Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на  автопатските делници  Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

На седницата беше усвоен и Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по договор на заем на проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид, меѓу Експрот импорт банката на Кина и македонското Јавно претпријатие за државни патишта.

Изградбата на новите автопати на овие делници, според Владата, треба да се реализира со поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,  а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи.

Автопатот Скопје-Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.

Проектот  ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 проценти преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка.

Патиштата треба да овозможат полесно поврзување на целата држава и да дадат поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до центарот на градот и до главните туристички центри пред се до Охрид и се што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура.

Главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата треба да ангажираат минимум 51 процент македонски државјани.

Пратениците од опозициската СДСМ  во текот на расправата се изјаснија дека ќе гласаат за законот и оти генерално даваат поддршка за изградбата на патиштата, но  ги критикуваа цените за изградба на километар автопат  и според нив, поволностите дадени за компаниите кои ќе ги градат. Обвинија за можности за корупција во целиот проект, и оти Владата неколкупати нелогично го зголемила износот на инвестицијата за автопатиштата. Во краток период, тврдат, имало нелогично зголемување на цените за изградбата.

–  Досега можевме да имаме изградено барем дел од овие автопати наместо проектот Скопје 2014. Цената која се става во овие предлог закони навистина е многу повисока од реалната цена за она што ќе го добиеме како држава, рече во попладневниот дел од расправата пратеникот од СДСМ Панче Орцев.

Во реплика министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески детално ги претстави сите трошоци за предвидените активности во изградбата и укажа и дека во меѓувреме се зголемиле цените на основните материјали за изградба на автопатите.

–   Цената што е понудена од концесионерот е реална цена согласно цените во 2013 година, а многу тешко може да се споредува со нешто што се случувало во 2008 година, наведе министерот Јанакиески.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што изградбата ќе ја подобри состојбата со патиштата во државата, неразбирлив е односот на СДСМ кон проектот со обвинувања за корупција и за износот на цената за километар автопат.

– Обвинувате за корупција. Законот и договорот се поставени така што ниту еден долар од Ексим банката нема да дојде на ниту една сметка на државна институција. Плаќањето ќе се извршува директно од банката на фирмата изведувач. Кога обвинувате за корупција го вперувате прстот кон банката или изведувачот, што не е сериозно, рече Димовски.