Јордан Пиперката

Јордан Пиперката

“Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека една педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, туку наша ќе биде”.

Вака се изјаснуваше еден од најопеаните и еден од најпопуларните македонски војводи на ВМРО (по Гоце Делчев) Јордан Пиперката, кој со своите јунаштва и подвизи уште за својот живот станал легенда.

Јордан Пиперката е роден на 23.06. 1870 година во кичевското село Козица. Потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство. Злате Ѓоршески, автор на монографијата посветена на Јордан Пиперката, дава интересно објаснување за неговото презиме. “Фамилијарното име му е Пиперковски. Меѓутоа тој е познат по скратницата од тоа име – Пиперката. Кај народот преовладува мислењето дека оваа скратеница ја добива поради физичкиот изглед (бил црвен, но и лут). Многумина го поврзуваат со лутината и црвенилото на пиперките”.

Јордан уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот. Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Буен и пргав по природа, тој многу се разликувал од своите браќа. Односот на турските власти тешко го поднесувал, а омразата кон нив растела.

 

Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает.

Во Битола Јордан не останал долго. Опфатен од мислите за тешкиот живот на своето семејство, се вратил во своето родно село. Млад и неискусен, но подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за ова имало повеќе, но непосреден повод била една неочекувана пресметка со група врсници од муслиманското село Другово. До неа дошло во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но од групата бил претепан. Длабоко навреден од постапката, по враќањето в село, решил да излезе ајдук и да им се одмазди на напаѓачите. Од неговите најблиски бил советуван да не прави така, но Јордан се одлучил да замине на печалба во Софија уште со првата група соселани – печалбари. Таму го продолжил фурнаџискиот занает.

Во Софија Јордан заживеал нов живот. Го научил фурнаџискиот занает, а и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните. А во Бугарија нашироко работела пропагандата за наводното ослободување на Македонија. Не знаејќи за ваквите цели на бугарската буржоазија, голем број печалбари, далеку од својот роден крај, водени од желбата за ослободување на Македонија, стапувале во чети од разни друштва.

За Јордан ова било можност да стане ајдук. Влегол во Пиринската чета на Дончо Златков. Запознавајќи го подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, иако неук, доволно ја презрел заблудата од бугарската “ослободителна” дејност. Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се наоѓал во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата зел учество и во таканареченото Мелничко востание.

По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Никола Геројски пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, Организацијата во Кичевско набргу воспоставила контакт со нив. Така во 1897 година била формирана и првата организациона чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско.

Убиството на Муарем – бег, во кое учествувал и Пиперката, го принудило тој да ја напушти Македонија и повторно да замине во Бугарија.

Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил наименуван за војвода на Демирхисарскиот реон. Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови.

(од лево на десно) Ѓурчин Наумов-Пљакот, Питу Гули и Јордан Пиперката,

Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите. Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба.

Неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Востанието во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица. Преку месноста “Скакало” и каменестите врвови на село Големо Царско, реонската чета дошла до месноста “Грнчарец”, над патот Кичево – Битола. Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот Крушево преку Цер, С’лб, Големо и Мало Церско.

На 10-ти август 1903 паѓа во турска заседа. Востаниците од Свињишта кога разбрале за опкружувањето на групата на војводата Јордан Пиперката веднаш дотрчале и припукале. Со нивна помош опкружените востаници успеале да се извлечат кон село Прострање. Таму на сред село чекале селани, но кога виделе дека меѓу четниците не бил војводата, настанала тишина. Војводата Јордан Пиперката и уште неколку востаници загинале. Ноќта неколку востаници успеале да се пробијат до местото на битката и да ги извлечат телата. Ги погребале на едно ридче над село Велмевци каде и денес почиваат. Оттаму се гледа Суво Поле. Јордан сеуште го пази.

 

3 thoughts on “Јордан Пиперката

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.