Младите кичевчанчиња се вратија со сребрен медал (фото + видео)

Младите фудбалери од ФК Кичево го освоија второто место на трофејот на “Струга Опен 2014” кој се одржа викендов во Струга во организација на ФК Караорман. На турнирот учествуваа вкупно 8 екипи. Се играше по италијански систем од по 15 минути.

Во првиот натпревар младите кичевчанчиња се сретнаа со екипата на Фљамуртари, резултато беше 2:0 за ФК Кичево. Вториот натпревар против Академија Пандев заврши нерешено 0:0. Со истиот резултат заврши и третиот натпревар против екипата на АС Јунајтед.

Поради подобра гол разлика кичевчани се пласираа директно во полуфинале каде силите повторно си ги одмерија со АС Јунајтед од Струга. Натпреварот во регуларниот дел заврши без голови, додека во продолжението се шутираа пенали на кои ФК Кичево излезе победник, пред се’ поради одличните одбрани на голманот Михаил Стефаноски кој одбрани 2 пенали. За кичевчани прецизно шутираа Петар Попоски и Ангел Божиноски. Со резултат од 2:1 се отиде во финале каде за противник се падна екипата на ЛГ Битола.

Битолчани, иако поискусен тим, не успеа да ги надигра младите кичевчани, најмногу поради одличната одбрана и среден ред. Она што фалеше беше реализацијата. И овој натпревар заврши без голови па повторно се отиде на пенал рулет, во кој поуспешни беа фудбалерите на ЛГ Битола со вкупен резултато од 2:0 и со тоа го освоија златниот медал, додека кичевчани освоија сребрен.

Мора да се напомене дека ФК Кичево не прими ниеден гол во регуларниот тек од натпреварите. За сребрената екипа настапија: Михаил Стефаноски, Тео Мирчески, Боби Сајкоски, Бојан Дејаноски, Петар Попоски, Ангел Божиноски, Кристијан Дејаноски, Марко Лазарески, Јован Крстески и Андреј Спироски. Тимот го предводи Игор Николаевски, а заменик-тренер е Драган (Гаго) Лазарески.

Успехот кој го постигнаа е исклучиво со многу работа и посветеност на тренерот и екипата, со многу поддршка од нивните родители и без ниеден спонзор.

Од нас останува само да им посакаме уште многу успеси и да пораснат во големи мајстори на фудбалот!