Владата ќе даде нафта за кичевските училишта, учениците се враќаат на настава

OU-KJP

На повидок е крај на голготата на кичевските основци и нивните родители. До петок треба да се реши проблемот со греење во училишта „Кузман Јосифоски – Питу“ и „Др. Владимир Полежиноски“, во кои наставата е во прекин петта недела поради тоа што нема греење.

Според министерот за образование Абдилаќим Адеми, Кичево ќе добие нафта од стоковите резерви за да го помине кризниот период, но градоначалникот Фатмир Дехари ќе треба во иднина рационално да менаџира со парите кои ги добива за греење на училиштата преку блок дотациите.

– „Градоначалниците се тие кои мора да вршат контрола врз работата на училиштата и за тоа како се трошат овие пари, затоа што се под нивна надлежност“, вели Адеми.

Бирото за развој на образованието ќе мора да изготви програма за тоа како да се надоместат загубените часови на кичевските ученици.

Во насока на подобрување на менаџментот во училиштата се и новите критериуми за избор на директори во училиштата. Покрај тоа што директорите ќе мора да се лиценцираат за директори на училишта исто така, новиот систем подразбира и директор на училиште да не може да биде именуван од колективот каде што работел.

Кичевските училишта „Кузман Јосифоски – Питу“ и „Др. Владимир Полежиноски“, во кои наствата е на Македонски наставен јазик, останаа без нафта во месец октомври. Општина Кичево, под чија надлежност се овие училишта, за цело време не даде средства за да овозможи загревање на училниците и нормално одвивање на наставата. Во меѓувреме, во останатите училишта наставата течеше без проблем.

Советот на општината беше свикан дури минатиот четврток, 1 месец откако учениците не одат на училиште, за формално изгласа дека бара од владата да достави нафта од државните резерви.