Војводата Кочо Куршумот од Крушица

Војводата Стојан Донски од село Битуша-Леринско, Војводата Кочо Матев Куршумот од село Крушица – Кичевско и Мијајле Каранфилов

Војводата Кочо Матев (Матески) Куршумот Крушичанецот е роден во село Крушица, Кичевско Македонија (датум и година на раѓањето не се познати). Како млад и пргав човек почнал да покажува револт кон притисокот на османлиската власт која репресивно се однесувала врз македонското христијанско население, и со присилното населување на муслимани од Кичево кои какоо сманлиски поданици насилно им ја приграбиле нивната земја.Почнале да се однесуваат насилнички; грабнале и потурчиле две девојки едната од село Крушица (Дилба) а другата од село Светорача (Крста). Револтиран од овој настан Кочо дошол во своето село Крушица.Заедно со него биле војводата Стојан Донски и еден од неговите четници. По пристигнувањето убиваат тројца Турци, а веднаш потоа бега во Белград, Србија. (се зборува дека Кочо успеал да ја врати Дилба при нејзиното семејство).

Во Белград тој се запознава со голем број на македонски емигранти и студенти со револуционерен дух. Заедно со војводата Стојан Донски добиваат оружје и формираат вооружена чета и повторно се враќаат назад во Македонија. Иако од страна на српската пропаганда врз него се врши голем притисок, Кочо Куршумот истата не ја прифаќа и не се приклучува кон нив

Кога пристигнал во Македонија се приклучува кон Внатрешната Македонска Одринска Револуционерна Организација, каде се заколнал на верност на организацијата, покажувајќи секако голем борец и револуционер. За време на подготовките на Илинденското востание Кочо Куршумот е назначен за војвода и заедно со началникот на кичевскиот востанички реон војводата Лука Џеров и војводите Ванчо Србаков, Јордан Пиперката, Наќе Јанев Лавчанчето, Ѓорѓи Сугарев, Арсо Мицкови други вршат подготовки за борба со османлиите. Одејќи од село до село по Кичевско, во реонот на Рабетинска река (од каде е и војводата Кочо Куршумот) се судираат со големосрпската пропаганда која веќеподолго време се инфилтрирала во некои селани од овој крај. Кочо Куршумот заедно војводите Пиперката и Донски успеваат да ги убедат некои од заведените селани од Рабетинска река дека најважно е да се ослободат од османлиската многувековна тиранија и дека треба да се борат рамо до рамо како Македонци,а не да потпаѓаат под влиание на туѓите пропаганди и интереси.

За време на востанието продорот на османлиската војска се јавува од север – од селата Премка, Шутово, Гарани. Првата борбена линија за одбрана на Крушевската република била поставена токму во Рабетинска река, поточно кој местото Разбоишта. На ден 22 јули 1903 (5 август нов стил) година војводата Кочо Куршумот со педесетина востаници го одвратил доаѓањето на османлискиот аскер и арнаутскиот башибозук. Пет дена покасно, на 27 јули 1903 (10 август нов стил) година османлиите навлегуваат со пет табори аскер и ја разбиваат одбраната кај месноста Разбоиште, предводена од војводите Куршумот и Србаков. По напорниот отпор што востаниците го дале при што имале загуба од тринаесет свои четници, се повлекле високо кон планините. Навлегувањето на аскерот и башибозукот во Рабетинска река резултирало со опожарување на Рабетино, а селата Орланци, Речани, Миокази и Ижиште биле ограбени. Бесот бил истуран врз се што било христијанско – многу жени биле обесчестени, а деца и старци убиени. Во близина на селото Речани кај месноста Подуач при судирот со аскерот и башибозукот востаниците предводени од месните војводипретрпеле големи загуби и дале жртва од 130-тина востаници. Денес, на тоа местото постои споменик во нивна чест.

Месност Подуач, село Речани. На 10 август 1903 тука се одиграла една од најкрвавите битки за време Илинденското востание (Фото: Љупчо Зорески)

По задушувањето на востанието војводата Кочо Куршумот учествува во собирање на оружјето и негово сокривање за понатамошни револуционерни дејствија. Потоа тој се засолнува во Бугарија.

На 9 јули 1904 година при своето враќање во Македонија, четите на војводите Кочо Куршумот, Атанас Бабата, Стојан Донски и Славејко Арсов се предадени и накодошени од страна на србоманите од село Кокошино. Аскерот ги опколил и употребил силна артилерија и кавалерија. Борбата траела шест часа. Во неа погинуваат 20-тина револуционери. Убиени се војводата Кочо Куршумот и војводата Стојан Донски. Војвода Славејко Арсов бил ранет, но се самоубил. Исто така загинала и ресенските војводи Трајче Танев и Стефан Мешков Маврото.

Ова било страшно предавство каде организацијата претрпела огромни загуби.

Останатите четници на чело со војводата Атанас Бабата го пробиле кордонот и се повлекле. Четата на војводата Мише Развигоров заедно со селската милиција дошла на помош на опколените чети, но закаснува. Војводата Атанас Бабата добива информации дека четите се предадени од србомани од селото Кошино. Војводите Атанас Бабата и Мише Развигоров подоцна доаѓаат во селото и учествуваат во разрешувањето на предавството, убиени се 53 лица кои биле директни учесници во предавството на револуционерите: селскиот кмет, двата српски учители, неколку првенци селани, попот Иван и неговиот син и др. Труповите биле оставени на сред село и била оставена белешка дека се убиени за одмазда на македонските револуционери на ВМОРО. Оваа одмазда е наречена Кокошинско колење.

Спомен плоч на војводата Кочо Куршумот во неговото родно село Крушица, Кичевско

Војводата Кочо Куршумот ќе биде запаметен во меморијата на револуционерната борба како бестрашен и голем борец на македонската кауза за слобода и независност на Македонија.

Вечна му слава на херојот.

Текст и Фото: Влатко Билески