Последниот кичевски Ковач

Категории: Репортажа, Слајдер

Некогаш занает без кој била незамислива чаршијата. Занает кој постои откога човекот почнал да кова предмети. Неможеме нити да замислиме колкав опсег на предмети може да се создадат со трудот и вештата рака на ковачот.

Кичевската чаршија ечела од ударите на чеканот. Ги имало десетици дуќани. Луѓе од градот, луѓе од селата, секој имал потреба од ковач. Само кажи што треба, погоди се за цената, останатото препушти му го на ковачот. Тој секогаш ќе се надмине себе си. Тоа му е во крвта. За квалитетот на изработката и ден денес сведочат старите алати кои, верувам, нема куќа во Кичево и кичевско која ги нема. И да прашате, никој незнае откога потекнуваат. Несвесно, тие секири, клинци, копачи… се како некое семејно наследство кое служи на генерации и генерации. Нити р’ѓа, нити кривина. Некој на времето добро си ја завршил работата.

Времето минувало, индустријата ги потиснала занаетите. Почнале да замираат. Така и со ковачите. Арно ама еден (многу вреден) сеуште му пркоси на времето. Последниот кичевски ковач, во прастар дуќан на улица Охридска. Тој ред на неколку дуќанчиња замрзнат во времето.

Тука времето застанало. Тука сеуште живее старата кичевска чаршија. Да не дозволиме да згасне.

Кога влегувате таму, влегувате во друго време. Временска машина. Големата наковална памети безброј алати. Којзнае откога е тука. Покрај неа чекан. Едно без друго неможат да се замислат. На исцрнетите ѕидови висат клинци, мотики, маши, српови, копачи, клинци, пили… На полмадите генерации многу од овие предмети им се нови. Мајсторот не се жали, може добро да се живее од овој занает. Ама нема кој да го наследи… Се јавува болка и носталгија за едно време. Само еснафот може да го разбере тоа.

Последната Ковачница, еден од последните бисери на кичевската чаршија и последниот ковач, безмалку како „Последниот Мохиканец“ од едно убаво време. Камо среќа некој да го продолжи занаетот. На Запад даваат пари за овие занаети да преживеат, стануваат туристичка атракција. Ние почнавме да се сеќаваме на нив само преку слики и кажувања. Сеуште не сме свесни кое богатство се самите по себе.

Ене го, уште еден. Отидете, посетете го. Тој и немора многу да раскажува. Ќе ви раскажат ѕидовите кои толку виделе и толку слушнале. Помеѓу новите грдосии од објекти, овој ред едноставни и трошни дуќанчиња изгледа како ремек дело. Ремек дело на едно време кога постоеја луѓе и нелуѓе, кога корката леб се делеше и така беше повкусна. Погоре од него „Казанџија“. Кој да знае, можеби ако ги сочуваме токму ваквите бисери на чаршијата тие ќе ни ја сочуваат душата од поган кој секојдневно не труе.

Прошетајте низ кичевската чаршија. Тука ќе ве поздрават на многу јазици. И сите до еден ќе ги разберете. Насмевката и срдечноста одат сами по себе. Од срце. Ќе посакате повторно. Подзастанете и ќе го откриете убавиот свет кој бледее. Ќе ви биде чудно како секој ден минувате и не сте го забележале. Нашата чаршија и занаетите во неа се едни од последните кои му пркосат на времето.

Благодарност до Раде Момироски за фотографиите

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,