Американската КСС почнува да ја гради фабриката во Кичево

Категории: Актуелни теми, Кичево, Слајдер

dogovor fabrika

Американската компанија „Кеј Сејфти Системс“ (КСС) за две до три недели ќе започне со изградбата на производствениот погон во слободната економска зона во Кичево. Објектот со површина од 13.600 метри квадратни треба да биде готов до втората половина на ноември и во него до крајот на годинава се планира да се вработат 300 луѓе.

Ова го истакна заменик-претседателот за глобално производство на КСС Џим Скарпа по потпишувањето на договорите за реализација на инвестицијата во Владата на Република Македонија со директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Скарпа потенцира дека во 2016 година се очекува бројот на вработените во Кичево да се зголеми на 600 до 700, а подоцна да се стигне до конечниот број од илјада вработувања.

Во моментов во Кичево КСС има браунфилд инвестиција во постоечки објект во центарот на градот, а 10 работници се наоѓаат на обука во Романија.

– Нашиот браунфилд капацитет во Кичево е веќе подготвен и опремата е инсталирана. Првата фаза од вработувањето е речиси готова и во тек е обука на вработените. Започнуваме со втората фаза од вработувањето во која бараме многу искусни оператори, техничари и инженери, рече Скaрпа.

Тој посочи дека се заинтересирани за соработка со локалните снабдувачи и хотели.

Директорот Мизо истакна дека на инвестицијата на КСС најдолго се работело и додаде дека проектот бил пролонгираан поради светската економска криза и европската финансиска криза. Прецизира дека првиот состанок и посета на Скарп во Македонија бил во октомври 2008 година, а во ноември истата година се сретнале на првото „роудшоу“ во Чикаго каде бил присутен и премиерот Никола Груевски.

– Нашата истрајност, упорност, континуирана работа и контакти со компанијата на крај вродија со плод. Минатата година компанијата ги потврди плановите за инвестирање и инвестицијата веќе започнува. Во моментов 10-тина луѓе се во  нивните погони во Романија каде се обучуваат и во средината на февруари треба да започнат со работа, рече Мизо.

Нагласи дека пробното производство на КСС ќе започне во браунфилд објектот во центарот на Кичево и додаде дека две компании кои се веќе присутни во Македонија, ОДВ Електрик и Капкон се добавувачи на КСС.

– Токму КСС на некој начин имаше во голем дел влијание на донесувањето на нивните одлуки за инвестирање во Македонија, рече Мизо.

КСС произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника. Има 34 фабрики во 12 земји, а првото производство од Македонија ќе биде наменето за „Шкода“ и за „Фолксваген“.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,