Започна со работа фабриката на KSS во Кичево (фото)

kss-kicevo-

Американската компанија Ки Сејфти Системс (КСС) денеска почна со производство во фабриката во слободната економска зона во Кичево.

Во новиот производствен капацитет годишно ќе се произведуваат три милиони воздушни перничиња за автомобили и се очекува годишен извоз од 70 милиони евра. Вкупната инвестиција на КСС во износ од 15 милиони евра треба да отвори вкупно 1.000 работни места.

Американската компанија, која почна со производство како браунфилд инвестиција во центарот на Кичево, по стартните 20 вработувања, моментно има ангажирано 230 работници.

133069359

Раководството на компанијата на пуштањето во употреба за до крајот на годината најави 700 работни места, а до крајот на следната илјада.

Во периодот од 2014 до 2017 КСС ќе инвестира приближно 15 милиони евра во погонот во Македонија. Еднакво импресивна е бројката на работни места што ја создаваме. До крајот на 2015 имавме 153 вработени, до крајот на годинава ќе имаме приближно 700, а до крајот на 2017 година илјада вработени. Со овие вработени ќе произведуваме приближно три милиони парчиња годинава и шест милиони во 2017 година, рече Рауф Гаспари, претставник на КСС.

133069360

За нашите производи, додаде, од витално значење е непрекинато да се исполнуваат највисоките стандарди за квалитет и ќе ја вклучиме македонската фабрика во развојот на вакви производи.

Со официјалното отворање на нашиот нов погон КСС прави голем чекор кон подобрување на конкурентноста. Производите што ги произведуваме се едни од двете клучни компоненти што се користат за производство на воздушни перничиња. Овие компоненти досега беа купувани од сестринските компании или од надворешни добавувачи од кои најголем дел имаат свои фабрики на другите континенти, наведе Гаспари.

133069362

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески нагласи дека отворањето на производствениот капацитет на КСС во Македонија е уште една потврда дека резултираат напорите на Владата да стане дестинација за голем број странски инвеститори.

Со оглед на тоа дека производството на компаниите што инвестираат во зоните е наменето за извоз тоа го помага директно македонскиот извоз кој во минатата година достигна рекордно ниво од над 4 милијарди евра, од кои 1,5 милијарди евра е извоз од компаниите што произведуваат во слободните економски зони, рече Ставрески, дополнувајќи дека воедно во 2015 година производството на моторни возила е зголемено за 37 проценти во однос на 2014, што претставува највисок раст во споредба со останатите гранки што го сочинуваат индустриското производство.

133069363

Изрази уверување дека КСС ќе го исполни ветувањето и ќе ги реализира најавените 700 вработувања годинава, а илјада до крајот на следната година. Вицепремиерот Ставрески потенцира дека тоа ќе значи егзистенција за илјада семејства.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо потенцираше дека фабриката на КСС што е изградена на површина од 13.600 метри квадратни прв производствен погон во зоната во Кичево и поголема инвестиција во тој регион, покрај најавените илјада директни вработувања, ќе придонесе и за индиректни вработувања, за развој на регионот, примена на нови технологии и за подобрување на трговската размена на државава во странство.

133069364

КСС е компанија со седиште во предградието на Детроит присутна на 34 локации во 12 држави со над 10.000 вработени. Во погонот во Кичево ќе произведува воздушни перничиња, а првото производство од Македонија ќе биде наменето за реномирани производители на автомобили како „шкода“, „фолксваген“, „тојота“, БМВ, „порше“, „јагуар“… На годишно ниво извозот од компанијата ќе изнесува околу 70 милиони ера, рече Мизо.

133069369

На пуштањето во употреба на фабриката на КСС присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и неколку пратеници.