КУД „Бисер” со грст награди од фестивалот „Пеце Атанасоски“ во Прилеп


КУД „Бисер” Кичево со грст награди се врати од триесет и деветтиот фестивал на изворни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“, што во изминатите два дена се одржа во Прилеп и родното село на познатиот гајдаџија, Долнени. Така ова друштво доби специјална награда за посебни заслуги во негување изворни песни и инструменти, а се закити и со две први места во конкуренција на пеачко трио и изведба на оркестарот на народни инструменти .

Оркестарот на народни инструменти  во состав: Владимир Јовески-гајда, Мирослав Миноски и Драган Каранфилоски – кавал, Филип Митаноски, Слободан Секулоски и Драган Кацески – тамбури, се искачи највисоко на пиедесталот во својата категорија, додека триото изведувачи на изворна народна песна во состав Марјан Каранфилоски. Мирослав Миноски и Ѓоко Секулоски, за својата изведба на песна од кичевскиот крај го повтори истиот резултат.

По којзнае кој пат се потврди дека фолклористите,инструменталистите и пејачите од нашиот крај, се исклучително талентирани и музикални и затоа успесите се нормална појава.

Текст и фото: Зоран Антоски