Кичевската народна легенда за Свети Никола

Категории: Ризница, Слајдер

Свети Никола (Свети Николај Мирликијски) е еден од најчесто празнуваните светци помеѓу Христијаните. Неговиот култ се има длабоко вкоренето во македонската традиција и денес многу храмови го носат неговото име и на многу фамилии им е семејна слава. Свети Никола е почитуван и од муслиманите кај кои е познат како ‘Адр Баба (Голем Татко).

Неговиот култ е присутен и во кичевско, а како потврда на тоа ја пронајдовме оваа народна легенда запишана од Јероѓаконот Јосиф од манастирот Света Богородица Пречиста на крајот на 19 век. Ја пренесуваме на кичевски народен говор карактеристичен за тоа време:

Стар ет Свети Никола. Немат место рисјанско кај да не се знајт негоото име и да не се празнуат негојот празник. И комшиве него го имат за светец. Тие го викаат „Ад’рбаба“. Едно време позавиделе сите другите светци, оти Свети Никола да ет толку многу честен. Се собрале сите и се згоориле да напраат една поплака и да се оплачат Господу за таа Свети Николо’а неправдина, оти сите цркви и зел на свое име, а пак на некои од светците ни името не им знаело. Речено сторено. Ја напишал поплаката еден од светците и ошол да ја дајт Господу. Зел Господ, сполај му, ја испеал и часот пратил двајца анѓели да појдат по Свети Никола, да му кажат, оти имат поплака на него и да го заберат пред себе.

Јероѓаконот Јосиф од манастирот Пречиста

Излегле анѓелите и преглеле првин на небо, Свети Никола тамо го немало. Слегле на земи. Цела ноќ барале кутрите анѓели од црква в црква, немат светец никаде. Пукнала зора веќе и тогај дури одвај едниот анѓел заглеал стреде море една ѓемија, ломење направена и готоа да потонит и при неа сам Свети Никола. Ошле право таму и му кажале, оти требит да тргнит со нив, зашто има поплака на него.

Аман слуги Божји, прогоорил светецот, елате еден од вас, покрепетеа ѓемијава, ја ојт пак поможете да ја куртулиме од далгава побрго за да не падните и вие кабаетлии со задоцнуањето. Се поглеале анѓелите, немало што да праат, виделе, не виделе, зеле ја спасиле ѓемијата и ја исплинале близу до скелето. После го забрале Свети Никола како што бил изводенен вир-вода, со испокинати алишта, со полите запрегнати и со солупен грб од крепење кораби. Ете на таа пересиа тој излегол и паднал ничкум пред Господа, кај што биле собрани сите даудџиите – светци.

Анѓелите искажале Господу со ред како го барале цела ноќ Свети Никола од црква в црква и одвај пред зора го нашле стреде море под една искршена ѓемија, од која што и го забрале.

Од како искажале се анѓелите, се завртел Господ кон сите светци и ништо не прогоорил. Ама од погледот негов сите разбрале оти им рекол: „Ојте и вие, прајте истото (као што прајт Свети Никола), ако сакате да бидете честени од сите рисјани“. И се поклониле Господу светците, и си ошле секи на свој конак.

И наредил од тогај Господ на секој светец да му се празнуат празник по еднуш во годината, а на кутриот светец, што се нашол да ја пишит поплаката, на четири години еднаш да му се празнуат празник (тоа е Преподобен Касијан Римјанин, споменот му е на 29 февруари).

 

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,