Колумна: Шчо напраифме со музиката и шчо требит да праиме

Категории: Лично, Слајдер

Пишува: Александар Трајаноски

Само што дојде летото започнаа да се организираат летни фестивали и други настани на многу места по земјава. И се тоа ќе беше добро ако на поголемите и подобро изрекламираните не гостуваат турбофолк изведувачи и ЕКС ЈУ бендови и музичари кои 20 години после пензионирањето се решија да настапат за последен пат токму тука, во Македонија. Бидејќи добро заработија почнаа често да настапуваат и секој нареден настап стана за „последен пат“ па тоа си го искористија и како лого за пензионерските турнеи низ земјава.

Последниве години на Пивофест во Прилеп главни „ѕвезди“ се турбофолк изведувачи и ЕКС ЈУ музичари, а оваа година како најголема „ѕвезди“ им беа Лепа Брена и Џеј, а на летниот фестивал во Струмица најголема „ѕвезда“ беше Цеца. Така Прилеп и Струмица се натпреваруваа кој повеќе луѓе собрал на Цеца, дали овие годинава или другите пред две години, чиниш донесле некое од најголемите светски музички имиња. Охрид иако го може да се пофали со одличниот фестивал „Охридско лето“ на кој настапуваат врвни светски имиња сепак како најголем туристички центар не останува заобиколен и од турбофолк и ЕКС ЈУ изведувачите па така преку целото лето може да се слушнат од некој локал или како прават концерт на некоја плажа. Кога заладува и доаѓа зимата забавата се сели во главниот град. Секоја недела Скопје е посетен од најмалку една а често и повеќе турбофолк ѕвезди или ЕКС ЈУ музичари. Една од најдобрите дискотеки во Европа, каде доаѓаа големи музички имиња, каде се одржуваа одлични журки и концерти беше токму во Скопје. Сега таа дискотека стана храм на шундот. Ситуацијата не е ништо поразлична и во останатите градови низ државава. Скоро секој викенд секој во секој град овие „ѕвезди“ имаат свои настапи. Бидејќи наидуваат на добро гостопримство стануваат се почести. Најмногу се ангажирани за празници. Локалите се во битка за поголемите „ѕвезди“ чија цена тогаш станува три пати поголема, а кај дел народот владее лудило и најмногу луѓе има каде што настапуваат позвучните турбофолк имиња. А многу локали што немаат можност да платат за да донесат некоја од овие ѕвезди, цела празнична вечер ја посветуваат на нивната музика.
За да бидат добро изрекламирани се грижат телевизиите и локалните радија кои секојдневно ни го пуштаат ова нешто ако воопшто може да се нарече музика. Се промовираат во разни емисии во кои се најавени како најголеми имиња или се прават топ листи каде се бира најдобрата песна. При нормални услови ова би се нарекло најдобра песна во натпревар за најлоши.
За негување на овој шунд се грижат тезга бендови и пејачи. Дел од нив се тие кои не успеале во музичките води и сега пејат турбофолк по локали низ земјава, а другиот дел не се ни обиделе да станат музичари туку искористиле ситуација и од почеток почнале да пејат турбофолк. За брзо време стануваат
популарни, а врвот го достигнуваат кога настапуваат како забавувачи на публиката пред да започне да пее главната турбофолк ѕвезда од соседството.
Ова значи дека од сите страни сме сардисани, а ситуацијата станува полоша, жална и загрижувачка кога се знае дека најголем консуматор на овој шунд е токму младината.
Покрај овие музички изведувачи, нашите музичари се доведени во втор план или се запоставени. Наместо да се негува нашиот квалитет некои со сите сили се обидуваат да ни продадат нешто катастрофално. Наместо да се промовираат нашите музичари се промовира некој ужас или им се прават подобри пензионерските денови на ЕКС ЈУ музичарите.
А ние како земја сме богати со музика. Ја имаме преубавата македонска народна песна која заради својата убавина и квалитет се наметнала и надвор па често македонските песни се препејувани во многу земји. Ја имаме и прекрасната македонска чалгија која ја негува староградската традиционална музика. А до пред некое време и фестивалите изобилуваа со одлична фестивалска, новокомпинирана народна музика која многу се разликува од турбофолкот и е далеку поубава. Еден од најистакнатите беше Гоце Арнаудов чии настапи беа секогаш весели а на нив народот премногу убаво си поминуваше. Народната песна секогаш буди силни емоции кај народот и не смееме да ја запоставуваме.
Покрај тоа, надеж за промени ни дава тоа што во моментов постојат популарни македонски музички имиња кои создаваат квалитет, уметност, музика која веќе станува култна. Секаде каде што настапуваат се собира голем број на верна публика која знае да го цени тоа што го работат нашите музичари. Синтезис, Чалгија Саунд Систем, Баклава, Љубојна, Мизар, Санаториум, Суперхикс, Фолтин, Бернајс Пропаганда, Кирил Џајковски, Беј д Фиш се само дел од тој квалитет кој во моментов постои на нашиве простори. Овие музички имиња задоволуваат повеќе музички вкусови и исто така можат да ги исполнат локалите и можат да бидат главни ѕвезди на забавите и на фестивалите и притоа ќе бидат фактор кој ќе го подигне квалитетот на тој настан. Затоа да не дозволуваме се почесто да ни се случува нашиот музички квалитет да биде повеќе ценет надвор отколку дома. Да не дозволиме нашата музика да биде потисната заради секојдневното сервирање на неквалитетна музика која ни доаѓа од надвор. Додека не е касно и сеуште има време да ги промениме работите. И за доброто на Македонија и за наше добро да ја промовираме и негуваме македонската музика.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,