Во Велес отворена изложба на дела од Кичевската Ликовна Колонија 2014

Kukja na umetnosta
Во рамки на манифестацијата „Велес –Град на културата 2015“ синоќа во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела од 21.Интерационална Кичевска Ликовна Колонија 2014.
 
Од вкупно над 80 дела на изложбата во Велес се претставени 27 дела од 27 уметници од 15 држави меѓу кои од Малезија, Судан, Германија, Казахстан, Русија, Украина, Бугарија и други земји.
 
Како што појасни промоторот на изложбата Елица Николова, директор на Народниот музеј од Велес, делата се изработени во различни техники и стилови, масло на платно, акрил на платно, комбинирани техники и скулптури од метал, кои поради големината не можат да бидат изложени,а се наоѓаат во паркот на Куќата на уметноста  кај кичевското село Кнежино каде што творат учесниците на колонијата секој јули.
 
– Уметноста во секој случај делува  како обединувач,ја гради целината,ги надополнува етничките, географските, временските разлики, ги обединува меѓучовечките односи. Преку разликите уметникот ја осознава својата природа трагајќи по оригинален и автентичен израз,кој во мноштвото на слики е препознатлив, потенцира Николова.
 
Изложбата од колонијата ја отвори  еден од нејзините организатори и раководители Горан Донески.
 
– Оваа колонија има за цел да го стимулира, поттикнува, развива и унапредува ликовното творештво, да ги збогатува постојните ликовни фондови со нови современи уметнички творби.Преку своите облици на интернационално комуницирање придонесува за зближување на уметниицте од целиот свет,преку изложби публикации,научни собири, а врши и популаризација на современата ликовна уметност.Воедно ја презенетра и Македонија и нејзината уметност и култура преку учеството на неа на  бројни ликовни уметници од светот, рече Донески.
 
На Интернационалната Кичевска Ликовна Колонија за 21 година се создадени над илјади слики и скулптури. Како што информира Донески,  дела од колонијата од 2014 година досега биле претставени  во Кичево, Скопје и Каварадрци, а по Велес и во Прилеп,Битола,Охрид,Куманово, а прват планираат  да биде изложена и во странство, во Софија, Бугарија.