Спомените на Лука Ѓеров, Трет дел

Лука Ѓеров е македонски револуционер и организатор на револуционерното движење во Кичево и кичевско. Роден битолчанец, по потекло од Охрид. Неколку години крстосувал низ кичевско и претставува еден од најважните извори за историските настани од илинденскиот период. Во четири продолженија ќе ги пренесеме неговите спомени. Возбудливо е кога се читаат. Спомените се пренесени извоно како што се и запишани. Можеби ќе пронајдете некој ваш предок во неговите спомени. Драгоцени зборови кои од директен учесник и свидетел на едно тешко, но славно време за Кичево и кичевско.

* * *

III.

Првите востанички дејствија на 20 и 21 јули. Нападот на Кичево. Жестоки судири со аскерот и башибозукот. Привремено затишје

На 13 јули вечерта, беше недела, случајно бев во манастирот Пречиста, кај што го добив писмото од Штабот, со кое се известуваше за востанието. Веднаш пратив абер до поречкиот војвода Ванчо Србаков да дојде. На 18 јули се собравме ние двајца, Наке, Арсо и секретарите и одлучивме: да направиме една демонстрација пред Кичево, а од Ванчо се бараше да ја нападне војската во ижишкиот ан (до селото Ижишта), како и војската која беше во „Текија” (Текето кичевско). Но тоа не го направија, Ижишта не го нападнаа. Ние требаше да го нападнеме аскерот во кулата и во анот во месноста Извор, за да се разбие таму војската. Пред тоа требаше да го нападнеме Кичево, а половината востаницн да го опколат аскерот во анот и да ги чуваат опколени додека не се вратиме ние од градот. Во исто време му се нареди на Арсо војвода да им соопшти на селските војводи, дека востанието ќе се дигне в недела вечерта. Војводите на селаните да им кажат во неделата, по ручекот. Јас на 19 отидов во Душегубица, ги собрав селските војводи.

Тука се направи планот: селата Душегубица, Ехловец, Иванчица, Попоец, Кленоец и Малкоец да ја опколат војската во Извор в зори, на 21 јули. Јас Кичево требаше да го нападнам од две страни со четите од другите села од кичевскиот реон: Лафчани, Јаорец, Добревоец, Кнежино, Осој, Раштане, Подвис, Пополжани, Видрани, Брждани, Јудово, Свиништа, Козица, Белица, Кладник и Карбуница. Од третата страна требаше да нападне Ванчо Србаков. Селото Вранештица се определи да внимава на преминот на Турла. На 20 вечерта, Арсо со дел од тие села и јас со другиот стасавме на договореното место пред Кичево. Тоа беше 5 часот по турски, односно околу 1 часот по полноќ. Ние фативме позиција без да не забележат. Бевме околу 500 души – јас и Арсо со по 200, Србаков со 100 души. Во градот имаше еден табор (околу 600 души) иљаве, тие беа во шатори блиску до градот, во местото Јурија, до реката Велика и имаше уште еден табор низами аскер, среде град, на калето, во шатори. Уште при првите истрели иљавето ги напушти шаторите и избегаа в град, без да отворат оган. Оние од калето отворија оган, но многу слаб. Јас мислев да влезам во градот, но имаше недоразбирање и по 20 минути пукање се вративме вазад, без жртви. Од иљавето во шаторите беа отепани 18 души, а на калето двајца. Владиката гледаше од прозорецот на митрополијата, и игуменот беше со него. Се повлековме на договорените места: Арсо во Карбуница, јас во Извор. В зори пристигнав во Лафчани. Седнавме да се одмориме и останавме зачудени кога забележавме дека не сретневме ни жени ни деца во селото. Кога сме оделе ние кон Кичево, околу 150 војници излегле од градот и дошле во Подвис, го опколиле и почнале да пукаат во куќите. Тоа било полноќта. Од пукотниците, жените од Лафчани, кое е наспроти Подвис (го дели еден дол) избегале в планина. Кога дојдовме ние во Лафчани, аскерот беше во Подвис. Едновремено разбравме дека во Извор почнала битката. Но, тогаш и аскерот во Подвис сфатил дека во Извор нешто се подготвува и тргнал право натаму. Ние помисливме дека аскерот сака нас да не нападне, зашто не гледаше – зиамето ни беше развеано – и затоа фативме позиции. Но, аскерот сврте кон Подвис. Тогаш ние се спуштивме да го попречиме. Бидејќи бевме уморни, не можевме да стигнеме навреме за да му го пресечеме патот. Најпосле успеавме на полпат да зафатиме битка со аскерот која траеше се до Извор. Аскерот се биеше – пукаше – и трчаше кон Извор без да застанува. Од Турците паднаа 7-8 души. Кога се доближивме, јасно се слушаа пукотниците во Извор. По половина час стигнавме заедно со аскерот. Со труба ги известивме нашите дека помош доаѓа. Јас стигнав со 80 души. Аскерот влезе пред нас и со бајонет ја нападна првата позиција на нашите кои беа 10-тина души. Тие отстапија давајќи една жртва. Аскерот фати позиција и отвори оган врз другите. Ние стигнавме и отворивме оган во грбот на аскерот. Така беше до ручекот. Во тоа време од кулата и од анот излегоа околу 150 војници, легнаа во каналот ископан околу анот и одлучија да не избркаат од главните позиции, без да не прогонуваат. Кога сакавме одново да нападнеме, аскерот успеа да избега, откако на коњи ги натоварија убиеннте и ранетите (околу 50 души). Ние имавме 8-мина мртви и 6-мина ранети. Кулата и анот заличеа на касапница. Ѕидовите од анот беа од плетени прачки, па куршумите ги пробиваа и излегуваа од другата страна. Внатре беше извалкано од нечистотија и крв (мртви и ранети немаше). Ги разурнавме и ги запаливме и анот и кулата. Легнавме да се одмориме, од замор не можевме ни да јадеме.

Градот Кичево, неколку години (веројатно 1912 година) по Илинденското востание

Во исто време, аскерот од Ижишта, заедно со башибозукот од селата Пласница и Лисичани (помашки села), ја нападнаа Вранештица, но четата ги пречекала пред село, па почнала битка. Арсо војводата со своите 200 души во Карбуннца ги чул пукањата и тргнал на помош. Патем сретнал војска која од Кичево одела во Вранештица. Арсо со еден дел ги нападнал, а другиот дел го праќа на помош на Вранештица. Аскерот при првиот истрел и при громогласното . „ура!” почнал да бега назад во Кичево. Бегајќи минал низ турското (помашкото) село Староец, а востаниците го бркале низ селото, па дури и до градот. Во оваа битка, во ногата е ранет војводата Арсо (аскерот додека бегал не пукал, но истрели доаѓале од една куќа во Староец). Избегале и аскерот и башибозукот од Вранештица (селата се многу блиску) кога виделе дека другиот аскер бега и дека доаѓаат и други востаници. Така се ослободи Вранештица. Пукањето продолжи цел ден низ целиот кичевски реон.

На 22 утрото, аскерот од Кичево, заедно со башибозукот го нападна селото Карбуница, кај што се беше вратил Арсо со востаниците. Нашите по куса битка отстапиле од селото и аскерот влегол во него. Во тоа време загинаа двајца востаници, а кога влезе во селото аскерот отепа уште еден сгарец и рани две жени. Една жена со револвер пукнала и отепала еден Турчин кога излегувала да и се придружи на четата – како што направиле и другите, бегајќи од селото. Го ограбија селото, но не го запалија. По 2 часа од Демирхисарско им пристигна помош на востаниците – околу 150 души. Се реши да се нападне аскерот и да се избрка од Карбуница. Но и на аскерот му дојде помош од Кичево и од арнаутското село Зајас. Дојде до ужасен судир меѓу аскерот, башибозукот и восганиците. Пушките се ставија на страна, на левото крило – и почна борба гради в гради, со ножеви. Судирот потраја малку време и отстапија двете страни. Во битката од нашите паднаа 30 души. Од турската страна загинаа мнозина, меѓу кои и прочуениот Сефер од Зајас, стар разбојник. И од башибозукот имаше мртви и ранети и тоа не само од Зајас, туку и од градот. Тоа ги заплаши и повеќе не се осмелија да не нападнат. На десното крило аскерот водеше престрелка од далечина со востаниците. Оттогаш до 20 август, кичевскиот аскер не ја нападна Копачка. Заедно со башибозукот се вратија во Кичево. Потоа ние одморавме. Се полнеа патрони. Жетвата беше заедничка – комунизам, без да се прашува мое-твое, секој газда си вршеше.

На 24 јули од Охридско, неочекувано се зададе една арнаутска чета со 150 души. Тоа беше четата на Таир-Тоља, придружувана со 200 души аскер. Тие минаа низ Кичевско, низ селото Иванчица, го запалија и избегаа во Дебарско. Неколку селани од селото, успеја да му одземат на аскерот многу добиток и украдени предмети од Охридско. Подоцна дојдоа луѓето од таму да си го бараат своето. Секој си ја препозна стоката и си ја земаше.

До 17 август не се случи ништо особено. Од Гостивар во градот дојде многу војска – 8 табори. Граѓаните не настрадаа. Го затворија само свештеникот Лазар Димитров.

Утре:

IV) По 17 август борбата повторно почнува. Почнува палењето на македонските села. Капитулација

Претходни поглавја:

Биографски податоци. Џеров во Демирхисарско. Првите војводи во Поречието и во Демирхисарско. Улогата на манастирот „Пречиста”

Борба со арнаутските угнетувачи на народот. Првите две чети во Кичевско. Џеров и др. во затвор. Од Смилевскиот конгрес Џеров назначен за реонски началник во Кичево. Вооружување за востание